Свет

Околу 2.300 миграти се спасени на брегот на Либија

Бродот на Лекари без граници „Пруденс“ извлекол 770 лица, од кои поголемиот број се деца, како и едно бебе од шест недели, стои во соопштението.

19.05.2017 13:11:06

Околу 2.300 мигранти, кои се упатиле кон Италија, се извлечени синоќа од 22 дрвени и гумени чамци во Средоземното Море, близу до брегот на Либија, соопшти италијанската крајбрежна стража. 

Бродовите на крајбрежната стража и војската се координирале со други бродови и чамци кои ги изнајмиле хуманитарните организации со цел да им помогнат на мигрантите кои биле распоредени во 10 дрвени и 12 гумени чамци. 

Бродот на Лекари без граници „Пруденс“ извлекол 770 лица, од кои поголемиот број се деца, како и едно бебе од шест недели, стои во соопштението. 

Другиот брод „Акваријус“, што го изнајмиле СОС Медитеран и Лекари без граници спасил 560 мигранти, додека „Финикс“, што го користела организација МОАС од Малта извлекла уште 360 лица. 

Меѓу спасените се државјани на Нигерија, Судан, Мароко и Бангладеш.