Економија

Обука за 40 лица во рамки на проектот на МАСИТ за „Преквалификација на кадри“

Станува збор за започнување на втора - едукативна фаза од проектот во соработка со Сивус едукативен и развоен центар.

19.05.2017 13:03:59

Вкупно 40 кандидати денеска почнуваат со обуката во рамки на проектот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ за „Преквалификација на кадри“, во соработка со УСАИД/РЕГ проектот.

Станува збор за започнување на втора - едукативна фаза од проектот во соработка со Сивус едукативен и развоен центар.

- По спроведеното истражување меѓу компаниите членки на МАСИТ е констатиран дефицит на кадри во ИКТ секторот, од профилите за програмирање. Како резултат на ова започна проектот за „Преквалификација на кадри“ каде целта е млади луѓе до 35 години, без претходно ИТ предзнаење да се преквалификуваат и да започнат кариера во ИКТ светот. Во согласност со потребите на компаниите се организираат обуки за профилите НЕТ и Фронт Енд Девелопер програмери, информираат од МАСИТ.

Обуката која денеска ја започнуваат 40-те кандидати планирано е да трае до септември, а потоа ќе следи пракса во некоја од ИТ компаниите членки на МАСИТ.

Крајната цел на проектот, по посета на програмата е лицата да се вработат во ИКТ компании на јуниор програмерски позиции или други позиции поврзани со ИКТ сферата. Програмата за преквалификација ќе трае околу пет месеци.