Македонија

Промовирана капитална монографија за Хераклеја Линкестис

Едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во Македонија, античкиот град Хераклеа Линкесис во последната деценија беше изложен на најинтензивни археолошки и други, стручни и научни истражувања и културно- историска валоризација.

18.05.2017 18:20:37

 Едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во Македонија, античкиот град Хераклеа Линкесис во последната деценија беше изложен на најинтензивни археолошки и други, стручни и научни истражувања и културно- историска валоризација. За периодот од седум години,  од 2008  до 2014 година, носителите на најзначајните проекти, битолските археолози Аница Ѓоргиевска и Енгин Насух ја систематизираа целокупната истражувачка документација, создавајќи капитална двојазична монографија, што е голем  момент за македонското културно наследство,  беше речено на денешната промоција во битолскиот Завод и музеј.

 -Се работи за голем момент за Република Македонија, а станува збор за еден од најголемите антички градови кај нас, градот  Хераклеја Линкестис. Долги години, овој град немаше некој посебен третман, со тоа што, во последните десет години Владата даде 35 милиони денари и колегите, би рекол, врвни специјалци во археологијата од Битола, го сторија на некој начин невозможното- рече професор д-р Виктор Лилчиќ, директор на Дирекцијата за културно наследство на Република Македонија.

Авторите, ја посочија  тимската работа во која беа вклучени над 400 општи работници и 40 стручни лица од разни профили.

-     Цели седум години систематски се истражуваше локалитетот Хераклеја. Кога еден археолог – истражувач го прави тоа,  првото што треба да го направи е да собере целосна документација за тоа што го истражува- рече археологот Аница Ѓоргиевска, еден од авторите.- Истражувањата во Хераклеја Линкестис продлжуваат и оваа година, а се надевам и во следните. Така да, сите овие резултати што ги покажавме, во иднина само ќе се надградуваат- рече нејзиниот колега и коавтор Енгин Насух Насух.

Бидејќи Хераклеа Линкестис е голем антички град, остануваат уште многу археолошки и други истражувања, а моментно се работи на театарскиот плоштад.  Од друга страна, расте и обемот на туристичката валоризација, со голем број на домашни и странски посетители.


Петар Стефановски