Македонија

Комбинации за фотелји – дали новата Влада ќе има најмногу министри Албанци?

Распределбата на министерските позиции во новата Влада– една од темите на утрешната средба на мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

18.05.2017 18:20:55
Распределбата на министерските позиции во новата Влада– една од темите на утрешната средба на мандатарот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Од партиите во тајност ги држат имињата на новите министри и нивни заменици, но веќе во јавноста почнаа да се шпекулира за можните комбинации. 
 
Од СДСМ за Алфа потврдија дека по средбите на Заев со коалициските партнери, договорена е утрешната средба со ДУИ, но не прецизираат никакви детали околу составот на владиниот кабинет. Според лидерот на интегративците Ахмети, можно е брзо формирање на Влада па не се исклучува можноста владиниот состав да биде во фокусот на состанокот. 

Според информациите кои кружат во јавноста челните позиции во Владата на Заев ќе ги заземат Оливер Спасовски кој ќе раководи со МВР, Фросина Ременски повторно во социјала, потпретседателката на партијата Шеќеринска најверојатно ќе раководи со надворешни или евроинтеграции, Рената Десковска правда, а свои сектори ќе имаат и Кирацовски и Николовски. 

Според неофицијални информации, ДУИ ќе предложи веќе истакнати имиња како дел од новата Влада. Се споменуваат имињата на Теута Арифи во министерството за надворешни, Фатмир Бесими во финансии, Министерството за локална самоуправа најверојатно ќе го води Невзат Бејта. Не се исклучува на листата на барања на ДУИ да се најдат и министерствата за правда и образование. 

Од прес-центарот на БЕСА велат дека по вчерашната средба со Заев договорено е формирање на работни групи кои ќе ги водат преговорите со тимот на СДСМ за понатамошна соработка. Велат дека во приоритетите на партијата ќе останат принципите во интерес на граѓаните, а не распределбата на министерските места. Очекуваат од утре веќе да започнат преговорите со СДСМ.

Ивана Соколовиќ Најдова