Балкан

Баша: Еди Рама ја претвори Албанија во плантажа на канабис

Според лидерот на албанската опозиција, Еди Рама го регрутирал како што вели „ѓубрето“ за да го урне бастионот на демократите на северот од земјата.

16.05.2017 18:05:13
Еди Рама ја претвори Албанија во плантажа на канабис, оваа остра критика на актуелната власт во Тирана, стигна од лидерот на Демократската партија на Албанија Љуљзим Баша кој  во интервју за виенски Стандард, ја обвини албанската влада за врски со криминалот и најави дека неговата партија нема да учествува на избори се додека „не се прекине спрегата меѓу дрогата и криминалот со владата“.

„Во парламентот, во градоначалничките фотелји, на позициите раководители на јавните институции седат луѓе кои никогаш не биле во политиката. Она што им е заедничко е што сите седеле во европските затвори поради трговија со наркотици, жени, оружје, проституција и убиства. Околу 95 отсто од тие луѓе со криминално минато седат во парламентот, а 70 од градоначалниците се католици од северот на Албанија“, вели Љуљзим Баша.

Според лидерот на албанската опозиција, Еди Рама го регрутирал како што вели „ѓубрето“ за да го урне бастионот на демократите на северот од земјата.

„Минатата година целата земја беше претворена во плантажа на канабис. Преку таа дрога криминалците сега држат стотици милиони евра во своите раце, повеќе отколку што полицијата и војската имаат на располагање“, додава Баша.

Во интервјуто Баша негира дека му било понудено учество во „вистинска“ техничка влада, и додаде дека неговата партија би учествувала само ако техничките министри успеат да се изборат за реформа на изборниот закон и борба против влијанието на нарко-картелите врз изборите. Во врска со тоа дека ЕУ и САД немаат разбирање за неговите ставови, Баша порача дека е важно тоа што тие го зборуваат, но дека е најважно што мислат Албанците, бидејќи тие „не јадат во Вашингтон или Брисел, туку во Албанија“.





Катерина Гетева