Култура

Македонската книжевност првпат ќе биде претставена на Саемот на книга во Варшава

Брошурите, заедно со информации за Конкурсот на Министерство за култура за странски издавачи, на полски и на англиски јазик, ќе бидат дистрибуирани до издавачите од Полска и до сите други заинтересирани издавачи.

15.05.2017 14:56:17

Република Македонија годинава првпат ќе учествува на Меѓународниот саем на книгата во Варшава, Полска, што ќе се одржува од 17-ти до 21 мај 2017. Организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво ќе биде Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје. 

НУБ на македонскиот штанд ќе изложи околу 300 изданија од областа на книжевноста, културата и уметноста, избрани публикации од капиталните издавачки проекти 135 тома „Македонска книжевност“ (во оригинал и на англиски јазик) и антологии на македонската книжевност преведени на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски).

На штандот ќе биде презентирана и книгата „Пораките на свети Климент Охридски“ од претседателот Ѓорге Иванов, која НУБ „Св. Климент Охридски“ во соработка со Кабинетот на Претседателот ја објави двојазично, на македонски и на англиски јазик, по повод одбележувањето 1100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски.

- За доближување на новата македонска книжевност до полските читатели и издавачките куќи, специјално се подготвени и отпечатени поединечни брошури на полски јазик за 14 современи македонски автори од помладата и средната генерација: Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Владимир Илиевски, Владимир Јанковски, Вера Калин, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Марина Мијаковска, Блаже Миневски, Елена Пренџова, Давор Стојановски и Јовица Тасевски-Етернијан. Брошурите содржат био-библиографии, куси извадоци од критички осврти за делата и избрани песни или извадок од роман или расказ, соопшти НУБ.

Брошурите, заедно со информации за Конкурсот на Министерство за култура за странски издавачи, на полски и на англиски јазик, ќе бидат дистрибуирани до издавачите од Полска и до сите други заинтересирани издавачи.

Централниот настан ќе биде македонски ден - во сабота, 20 мај, во главната сала за промоции, на кој ќе биде претставена современата македонска поезија и проза, со настап на авторите Блаже Миневски, Јовица Тасевски-Етернијан и Владимир Илиевски. Овој настан НУБ го организира заедно со Амбасадата на Република Македонија во Варшава. 

Меѓународниот саем на книгата во Варшава е еден од најголемите во овој дел на Европа. Оваа година ќе учествуваат околу 800 издавачи од 32 држави од пет континенти, а земја почесен гостин ќе биде Германија.