Здравје

Физичката неактивност еден од водечките фактори на ризик за смрт

Под физичка активност, велат тие, се подразбира секое телесно движење од скелетните мускули со кое се троши енергија. Терминот „физичка активност” не треба да се меша со „вежба”.

10.05.2017 14:42:57

Редовната физичка активност со умерен интензитет – како што се одење, возење велосипед или спортување  има значајно влијание врз здравјето, препорачуваат од Институтот за јавно здравје на Република Македонија по повод Светскиот ден на физичка активност - 10 Мај.

Под физичка активност, велат тие, се подразбира секое телесно движење од скелетните мускули со кое се троши енергија. Терминот  „физичка активност” не треба да се меша со „вежба”.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) над 80 проценти од адолесцентната популација во светот се недоволно физички активни. Недоволната  физичка активност е еден од водечките фактори на ризик за смрт во светот. Околу 3,2 милиони смртни случаи во светот се поврзуваат како индиректна последица од физичка неактивност. На глобално ниво, од четворица возрасни, еден е физички неактивен. Луѓе кои се недоволно активни имаат 20 до 30 отсто поголем ризик од смрт во споредба со луѓето кои се доволно активни.

Нивото на физичка активност често варира со падот или зголемувањето на бруто националниот приход. Намалувањето на физичката активност  делумно се должи на неактивност во слободното време и „седечко“ работното место. За тоа придонесува и прекумерното користење моторни возила, лифт и слично во текот на денот при извршување на секојдневните активности. На глобално ниво, 81 проценти од адолесцентите на возраст од 11-17 години биле недоволно физички активни во 2010 година. Девојките биле по неактивни од момчињата, со 84 отсто наспроти 78 проценти.

Во препораките на СЗО дадени по повод Светскиот ден на физичка неактивност опфатени се три старосни групи од  5 до 17 години, од 18 до 64 и  над 65 години. Првата група деца и адолесценти на возраст од 5-17 години треба да имаат минимум 60 минути умерена до енергична физичка активност на ден. Втората група максимум 150 минути физичка активност со умерен интензитет или минимум 75 минути енергична физичка активност во текот на неделата, или еквивалентна комбинација на двете и возрасни над 65 години максимум 150 минути умерена  физичка активност или 75 минути енергична во текот на неделата е доволно за одржување во здрава форма.

Според податоците физичката неактивност е четврти водечки фактор на ризик за смртноста на глобално ниво со 6 отсто од смртните случаи.  Физичката неактивност се очекува да биде главна причина за предизвикување рак на дојката и рак на дебелото црево со околу 21-25 отсто, на дијабетес 27 осто  и околу 30 отсто на исхемична срцева болест.

Глобалните препораки за физичка активност се примарна превенција од незаразните болести на населението, а примарна цел за креаторите на политиките на национално ниво.