Црна хроника

Две години од терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље

Се навршуваат две години од оружената пресметка во кумановската „Дива населба“, која траеше 2 дена, при што животот го загубија 8 припадници на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.

09.05.2017 14:22:39
Денеска се навршуваат две години од антитерористичката акција во Диво Насеље во Куманово, во која загинаа 8 припадници на специјалната единица на МВР Тигар, и специјалци од Единицата за брзо распоредување. 

На кобниот 9 мај пред 2 години, полицијата беше нападната од терористи кои во Македонија влегоа од Косово и се криеја во куќи во кумановската Дива Населба. Нападот почна рано утрото во  4 часот и 30 минути во саботата на 9 мај и траеше непрекинато 28 часа, сè до 10 часот во неделата на 10 мај.

Во антитерористичката акција на македонската полиција осуммина македонски припадници го положија својот живот во одбрана на татковината: Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски,  Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи,  Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ.

За време на судското рочиште, обвинетите за тероризам и терористичка организација, не негираат дека учествувале во нападот на полициските специјалци, а во земјата влегле за да се борат за поголеми права на Албанците. 

Државата ги обесштети  жителите чии куќи беа срушени за време на престрелката и им изгради нови.  
На двегодишнината од кумановските настани, денеска во црквата Свети Никола во Куманово се одржа панихида во чест на 8 полициски специјалци кои загинаа во терористичкиот напад во кумановската населба.

Во акцијата беа ликвидирани 10 припадници на терористичката група.