Македонија

Гевгелија во недела на Референдум : За или Против

Гевгеличани во недела ќе излезат на Референдум. Ќе гласаат со ЗА или ПРОТИВ отворање на рудници за металични минерални суровини на Кожуф. 19 илјади жители на Гевгелија ќе гласаат на 37 избирачки места.

20.04.2017 18:21:35
 Гевгеличани во недела ќе излезат на Референдум. Ќе гласаат со ЗА или ПРОТИВ  отворање на рудници за металични минерални суровини на Кожуф. 19 илјади жители на Гевгелија ќе гласаат на 37 избирачки места.

 Веќе неколку недели на масовност на престојниот референдум повикуваат здруженијата. Во тек е и кампања на граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“. Укажуваат на штетноста од доделување концесии за експлоатација на минерални суровини на Коњска река и Коњско на Кожуф.

 Се делат флаери и брошури, велат Гевгелија е град на туризмот, земјоделието, град на чист и јужен воздух, а Кожув кој е само на 30тина км од медитеранска флора нема да дозволат да стане рударски .

 - Луѓето ќе останат без воздух, ќе дишат сув ороксид ,талиум и арсен. За 3 години ќе нема една капка вода подземна или надземна што не е загадена и не смее да се напиете од неа. Ќе ја гледате водата а не смеете да ја користите. Ќе немате еден грам неконтаминирана земја.Ме прашувате дали се плашиме од тужби? Не, вели Ангел Наков од здружението Спас за Гевгелија 

 Компанијата пак која ги врши истражувањата на Кожув децидна, засега нема отворање на никаков рудник за злато, само вршиме истражувања.

 - Би сакала да разјасниме една работа , нема отворање на никаков рудник за злато, ние едноставно сме фирма која врши детални геолошки истражувања. До крај на 2019 година ќе можеме да одредиме дали има или нема да има комерцијална исплатлвост да се развива иден рудник. Во случај да има комерцијална исплатливост да се развива иден рудник и ако некогаш Владата на Р.М. одобри отворање на таков рудник, ние ќе се осигураме тој проект да биде изготвен на таков начин со што ќе го минимизираме влијанието врз животната средина. Во случај  на идно отворање на таков рудник со сигурност ќе понудиме добро платени работни места, кажа Мр Даниела Бомбол од Резервоар Минералс Македонија.

 Во меѓувреме на последната седница на Советот на општина Гевгелија, советниците од сите политички партии се заложија за директно вклучување во кампањата и ќе агитираат да се гласа против доделување концесија.Градоначалникот Франгов потенцираше дека досега ниту е издадена концесија за експлоатација, ниту за рудник. Тој вели граѓаните во недела ќе се изјаснат ЗА или ПРОТИВ, во случај ако некој побара концесија да го има јасниот став на жителите.

 - Тоа што е како соединение на металичните суровини на Кожув е опасно за експлоатација и не верувам дека тука било кој би дал согласност, но сепак граѓаните да си го имаат ставот со Референдумското изјаснување. Можеби е безбедно да се прават рудници, можеби се други соединенијата и таму каде што е безбедно и да се отвораат. Овде на Кожув планина нема услови за тоа, вели Франгов.

 Гевгеличани не седат мирни. И на социјалните мрежи и отворените групи агресивно се водат жестоки дебати и кампањи против отворањето на рудниците. Излегоа и видеа кој покажуваат што се случува кога се гради рудник со постапка на отворен ископ и лужење. Гевгеличани луто велат дека не им требаат такви работни места, не сакаат да работат на багер, минер или со цијанид, затоа што животниот век е краток. 

 Сепак каков резултат ќе даде Референдумот и кампањите за рудниците кои ги разбудија Гевгеличани повеќе од политичката криза, останува да видиме во недела.