Македонија

Викендов температурата во Македонија до – 6 степени, Европа под снег

Иако во Македонија низ градовите нема да паѓа снег, невообичаено ниските температури за овој период од годината, ги заглавија во снег земјите од регионот и низ Европа.

20.04.2017 17:55:13
Силен ветар, дожд и снег на планините ниските температури кои ја зафатија Македонија ќе потраат уште некое време. Метеоролозите прогнозираат дека овие денови од пролетта ќе бидат ладни со температури под нулата.

-Утре утринските температури на повеќе места ќе бидат под нулата и ќе се движат од -4 до 4 степени, а дневните ќе бидат пониски поради спуштање на студена воздушна маса од север и  ќе се движат во интервал од 6-13 степени – вели Лена Јовановска дежурен синоптичар во УХМР. 

Силниот ветар на некои места ќе достигне и  брзина до 90 километри на час, за викендот температурата во Македонија ќе се спушти и до – 6 степени, а дневните температури ќе бидат во пораст и ќе достигнат до 21 степен. Затоплување на времето, во земјава од УХМР најавуваат од следната недела. 

Иако во Македонија низ градовите нема да паѓа снег,  невообичаено ниските температури за овој период од годината, ги заглавија во снег земјите од регионот и низ Европа. Веќе неколку дена под снег се Хрватска и Босна, каде метеоролозите предвидуваат дека белата покривка ќе потрае и во наредните денови.  

И австриските медиуми јавуваат за обилни снежни врнежи во централниот дел од земјата, што предизвикале парализирање на сообраќајот на главните автопати. Ладниот бран низ централна Европа донесе снег и во Германија, Полска и Словачка. Минусни температури и во Романија, а најмногу снег наврна во Украина, 30 сантиметри, каде во Харков тежината на снегот повлече далноводи, оставајќи повеќе од илјада домови без струја. Снег има и во Швајцарија. Метеоролозите прогнозираат дека студеното време ќе трае до средината на следната недела. 



Катерина Гетева