Балкан

Адвокатската комора на Истанбул поднесе тужба против претседателот на Вишата изборна комисија

Набљудувачите од ОБСЕ и од Советот на Европа соопштија дека референдумот бил оддржан под нееднакви услови.

19.04.2017 18:42:26

Адвокатската комора на Истанбул соопшти дека поднела тужба против претседателот на Вишата изборна комисија, Сади Гувен, за „криминално однесување„ и „замена на резултат од гласање“, пренесоа американските медиуми.

Обвинител ќе одлучи дали ќе поведе обвинение против Гувен.

Меѓународните набљудувачи на референдумот во Турција, вклучувајќи ги и оние од Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), исто така, забележаа редица нерегуларности и соопштија дека одлуката на Вишата изборна комисија (ВИК) да ги прифати за валидни гласачките ливчиња без печати ја нарушува одбраната од злоупотреби и му противоречи на турскиот закон.

Набљудувачите од ОБСЕ и од Советот на Европа соопштија дека референдумот бил оддржан под нееднакви услови.

Сојузот на адвокатски комори на Турција и меѓународните набљудувачи соопштија дека незаконските дејанија на ВИК може да го променат резултатот од гласањето.

Според првичните резултати од гласањето, 51,4 процент од избирачите на референдумот се изјаснија со „да“.

Главната опозициска Републиканско народна партија, како и Татковинската партија вчера во ВИК поднесоа барање за поништување на резултатот од референдумот за воведување претседателски систем на владеење во земјата. Таквото барање денеска во ВИК го поднесе и прокурдската Демократска партија на народите.

Претседателот на ВИК, Сади Гувен, изјави дека комисијата денеска ќе ги разгледа жалбите и барањата за поништување на резултатот од референдумот.