Македонија

Костовска: родителите да не го одложуваат вакцинирањето на децата со МРП, вакцината е безбедна

Вакцината МРП е квалитетна, проверена и безбедна и со години се употребува, затоа родителите не треба да го одложуваат вакцинирањето на децата со вакцината против морбили, рубеола и паротит.

19.04.2017 17:58:36
 Вакцината МРП е квалитетна, проверена и безбедна и со години се употребува,  затоа родителите не треба да го одложуваат вакцинирањето на децата со вакцината против морбили, рубеола и паротит, изјави  денеска Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство и член на Комитетот за имунизација.
Таа посочи дека опфатот на имунизација годинава е одличен и се зголемува, освен за МРП вакцината, кој е минимално понизок од останатите години и се очекува да биде на задоволително ниво. 

 -  Ако примовакцинацијата или вакцинацијата со МРП на 13 месеци во 2015 година беше 88 проценти сега е 82 проценти и очекуваме да се зголеми. Ревакцинацијата со МРП што ја добиваат децата на шест години е 93 проценти. Родителите го одложуваат вакцинирањето на децата со МРП вакцината, а за другите вакцини не го одложуваат.- Родителите неоправдано ја одложуваат МРП вакцината и мислат дека таа е поврзана со аутизам кај децата. МРП вакцината е докажана во меѓународни рамки и нема никаква врска со појава на аутизам.- изјави Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство и член на Комитетот за имунизација .

Според Костовска, нема причина за одложување особено сега кога во западно-европските земји има епидемија на морбили, а во Романија и Бугарија има смртни случаи. 

Со цел подигнување на свеста за бенефитите од вакцинацијата и безбедноста на вакцините, денеска се одржува третата по ред работилница за службите за имунизација во РМ, во пресрет на Европската недела на имунизација, која се одбележува од 24 до 30 април, а на која предавачи се експерти од Комитетот за имунизација.

Според податоците од Институтот за јавно здравје од 2.800 деца на возраст од 13 месеци кои не ја примиле МРП како примовакцина, 2.400 се во Скопје. Бројката од 66 проценти опфат никогаш досега не била толку ниска и затоа упатија  апел до родителите да ги донесат децата да се вакцинираат.

Елена Вришку