Економија

ММФ ја намали проекцијата за раст на македонската економија од 3.5% на 3.2%

Меѓународниот монетарен фонд ја намали проекцијата за раст на македонската економија годинава од претходните 3 и пол на 3.2 %. За следната 2018-та фондот проектира зголемување од 3.4% и постепен раст до 3.8% во 2022-та година.

19.04.2017 18:01:55
 Меѓународниот монетарен фонд ја намали проекцијата за раст на македонската економија годинава од претходните 3 и пол на 3.2 %. За следната 2018-та фондот проектира зголемување од 3.4% и постепен раст до 3.8% во 2022-та година. Стопанствениците велат дека и овие прогнози не се конечни.  Политичката криза ја посочуваат како  главен фактор од кој зависи закрепнувањето на македонската економија. Предупредуваат дека блокирањето на институциите и неисполнувањето на буџетот прво ќе удрат врз домашните, а потоа и врз странските компании.

Аналитичарите исто така потврдуваат дека долгорочната неизвесност е лоша за стопанството, но и дека оптимизмот за растот на производството во европските земји кои се клучни бизнис партнери на соработка може да ја компензираат штетата на политиката врз економијата. Анализата на изборните програми на политичките партии покажала дека токму областите за кои партиите имаат иста или слична стратегија за развој се едни од најзлоупотребуваните за меѓусебни препукувања на дневна основа. Експертите сметаат дека доколку ваквата состојба продолжи, драстично ќе се намали кредитирањето на фирмите, ќе се продлабочат проблемите со наплатата на побарувањата, со исплатата на платите на работниците и друго.

Според последниот извештај на ММФ, во регионот највисок економски раст годинава ќе забележи Албанија од 3,7%, а најнизок Бугарија и Хрватска од 2,9%. Проекцијата од 3.2% за Македонија е нешто пониска од онаа на Народната Банка од 3 и пол проценти, а повисока од онаа на Светска Банка од 2.8 отсто дадена на почетокот на месецов.

Тања Попова