Црна хроника

Кобното „селфи“ на вагон од воз ја зема првата жртва

Ова е прв случај ваква наивна детска игра да заврши со изгубен живот, но за жал станува секојдневна пракса, млади момчиња да завршуваат со повреди играјќи си со животот и правејќи селфи на возови.

17.04.2017 17:34:31
Почина 15 годишното момче кое пред 10 дена го удри струја додека правеше фотографија качен на вагон од воз. Тинејџерот ја изгуби битката со животот, изгорениците по телото од 2 степен беа кобни за него и покрај обидот на  лекарите од Ургентниот центар во Скопје кои скоро две недели се бореа да го спасат. 

Трагедијата се случи на 7 месецов, околу 19 часот, во депото на Македонски железници, каде сега починатото момче со своја другарка се фотографирале. Момчето се качило на вагон цистерна, се доближило до електричен вод кој бил под висок напон, а струјниот удар му нанел тешки изгореници. 15 годишникот беше веднаш префрлен во болница, со тешки повреди. 
Ова е прв случај ваква наивна детска  игра да заврши со изгубен живот, но за жал станува секојдневна пракса, млади момчиња да завршуваат со повреди играјќи си со животот и правејќи селфи на возови. 

Од железници велат дека секојдневно има по десетина случаи како обезбедувањето лови млади тинејџери кои се обидуваат качени на возови да се фотографираат, а ова опасно помодарство го учат од социјалните мрежи, каде снимките се грозоморни до толку што скоро секогаш младите момчиња завршуваат со тешки повреди или со смрт. 

Најмладото момче во Македонија кое заврши со тешки изгореници правејќи „селфи“ качен на вагон има само 14 години, тогаш струјниот удар не беше толку кобен како во случајот од пред две недели.  




Катерина Гетева