Економија

Македонија да ги заштити традиционалните производи

Денеска е првиот таканаречен „мрсен“ ден по 40 дневниот пост. Домаќинките ги прават традиционалните рецепти од јагнешко месо, кое ја симболизира Христовата невиност. Освен јагнешка чорба или печено јагнешко главниот оброк вклучува и пролетна салата,

16.04.2017 17:30:02
 Денеска е првиот таканаречен „мрсен“ ден по 40 дневниот пост. Домаќинките ги прават традиционалните рецепти од јагнешко месо, кое ја симболизира Христовата невиност. Освен јагнешка чорба или печено јагнешко главниот оброк вклучува и пролетна салата, велигденска погача, баклава и други благи специјалитети. 

Во вакви денови неизбежно се поставуваат прашањата за подготовка на јадењата, што пак, предизвикуваат дискусии за правилна подготовка во различни краеви низ земјава. Македонската гастрономија има многу рецепти кои се специфични и се прават само на ова подрачје. Затоа, експертите креираа Прирачник за заштита на традиционални производи. Доколку тие се заштитат во европски рамки што поскоро, тоа ќе значи гаранција за квалитетот на храната која се консумира со генерации и можност за нивна повисока цена.
Кумановски суџук, Беровско сирење, Галички кашкавал, Дојранска маслинка, Макало, Бабури со лук, Салата од суви пиперки, Јагула на жар печена во пепел, Крап во тепсија се само дел од долгата листа на производи кои можат да се заштитат како традиционални.

Авторот на прирачникот, професор Владимир Какуринов, вели дека Македонија треба што поскоро да ги заштити своите традиционални производи, бидејќи другите земји не чекаат и се многу ажурни на ова поле. На пример, Бугарија веќе ги има заштитено лутеницата и тиквеникот, производи кои и ние ги сметаме за дел од нашата кујна.

Во прирачникот се предложени повеќе производи кои треба да се заштитат според категории. Па така, во делот за месо доминираат Штипскиот и овчеполскиот колбас, во делот овошје, зеленчук и житарки, се вбројуваат тетовскиот грав и јаболко, солен пекмез, охридска цреша, додека од рибите тука се неизбежните пастрмка, јагула и белвица од Охридското Езеро, дојранска црвеноперка, вардарски клен. Традиционалните тестенини вклучуваат јуфки, мантии, мекици, пастрмајлии, питулици, влашки тиганици и тарана. 
Во категоријата супи и чорби предложени се Супа од езерски риби, Шарпланинска јагнешка и Шкембе чорба.

Постојат 3 типа на заштита на традиционалните производи: заштитена ознака за потеклото, заштитена географска ознака и гарантирана традиционална посебност. Во прирачникот се наведува дека за повеќе да се стимулираат земјоделците и преработувачите да се вклучат во производство на заштитени традиционални производи неопходна е и државна помош. Дел од неа веќе се реализира како финансиска поддршка на одредени култури и добиток, домашно производство на сертифициран семенски материјал, анализи на почвата, поттикнување на органско производство.


Тања Попова