Црна хроника

Уапсен сторителот на грабежот во Тутунска банка, но нема трага од украдените 3 милиони евра

На распитот во полициска станица Бобан не им кажал на полицајците каде ги сокрил украдените пари, си ангажирал адвокат, за тоа како го извршил делото и дали некој му помагал - молчел.

12.04.2017 17:45:54
Од 3 до 5 години затвор му се закануваат на 40 годишниот Бобан С. трезорист во Тутунска Банка, осомничен дека од банката украл скоро 3 милиони евра. Судија на претходна постапка на скопјанецот му одреди мерка притвор, во траење од 30 дена, Обвинителството го товари за кривично дело „затајување“. 

На распитот во полициска станица Бобан не им кажал на полицајците каде ги сокрил украдените пари, си ангажирал адвокат, за тоа како го извршил делото и дали некој му помагал - молчел. 

Шемата како милионската сума била изнесена од банката, ја расветлија од компјутерски криминал на МВР. Трезористот парите не ги украл во еден ден, туку ги извлекол во 4 наврати од  6 до 10 април. Одбирал погоден момент кога во трезорот немало движење од вработени во банката, па од готовината ставал в џеб. 
Безбедносните процедури за влез во терзорот не биле пречка осомничениот, на 6 април, подготвувајќи пратка од 1 милион швајцарски франци која требало да се испратат авионски,  да извади едно врзопче од 100.000 франци за себе.

Охрабрен дека никој не го фатил првиот пат, Бобан следните денови продолжил да влече готовина од трезорот. Сега од готовината земал 375.000 евра, а потоа и 300.000 швајцарски франци.  Иако храбар во одлуката да зема пари од трезорот, скопјанецот не смислил план како ќе ги раздолжи парите кои завршиле во неговиот џеб, па кога решил да бега на 10 април, во кесичка за подароци ставил уште 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор и си заминал од банката околу 13 часот. Веќе попладнето без никаков проблем,  Алфите го пронашле Бобан дома и го уапсиле.

Истрагата на обвинителството и полицијата оди во насока дека осомничениот свесно ги крадел парите. Освен писмени изјави од вработените полицијата располага и со снимки од безбедносните камери во банката, каде се гледа како Бобан си ја спакувал личната пратка на 10 април. 

И додека МВР ги бара украдените пари и истражуваат дали терозристот сам е во „матниот бизнис“, од НЛБ Тутунска смируваат – нашите клиенти не треба да се грижат за своите средства, велат од таму. Тутунска ги  имам преземено сите активности за осигурување за секојдневното работење на банката, па оттука уверуваат дека кражбата нема никакви последици за банката, ниту во работењето со клиентите.

Катерина Гетева репортер