Економија

Нови инвестиции и во време на политичка криза

И покрај политичката криза која трае неколку години. Странските компании остануваат заинтересирани да инвестираат во Македонија. Иако некои од нив ги пролонгираа одлуките за вложување, други, пак, активно работат или пак планираат изградба на објекти

08.04.2017 17:50:35
 И покрај политичката криза која трае неколку години. Странските компании остануваат заинтересирани да инвестираат во Македонија. Иако некои од нив ги пролонгираа одлуките за вложување, други, пак, активно работат или пак планираат изградба на објекти. Последна во низата е германската компанија „Франц Кил“ која од јуни годинава треба да почне со производство на седишта за автобуси и возови во тетовско Желино. Фабриката која е добавувач на „Ван Хул“ првично планира да отвори 60 работни места, а бројката според плановите треба да достигне 350 вработувања.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера рече дека е многу важно што во услови на политичка криза инвеститорите останале да работат во земјава, но и да се привлечат нови, кои се се уште скептични за Македонија како бизнис дестинација.

Освен „Франц Кил“ кој адаптира постоечки објект во тетовско, активно течат подготовките и за изградба и реализација на инвестицијата на „Џонсон Контролс“ која предвидува 1.500 нови вработувања. Во моментов американската компанија „Adient“, односно поранешен „Џонсон Контролс“ во  Струмица има 750 вработени.

Фабриката за производство на навлаки за автомобилски седишта треба да биде пуштена во функција до јуни во зоната во Струмица. За две недели ќе почне монтажата на опремата и машините, по што околу 750 работници ќе бидат префрлени во новите погони. Дополнително, до крајот на годинава се очекуваат уште 400 вработувања и уште толку во наредната година.
Паралелно со овие инвестиции, се очекува да се реализира и договорот со турската „Чагатај Кабло“ која треба да почне со градба на објект во Бунарџик. 

Во тек е третата фаза од инвестицијата на италијанската „Текнохозе“ која произведува армирани гумени црева, а која ќе вработува од 100 до 200 вработувања. 
Американската „Ки Сејфти Системс“  во Кичево стигна до 1200 вработувања, a за до крајот на годината се најавени уште 200 нови работни места.  

До крајот на годината „Van hool“  треба да вработи 1000 нови луѓе, „ODW elektrik“ која брои 230 вработени во јуни треба да го префрли производството во новиот објект, при што бројот на вработени ќе достигне илјада лица, додека „Genterm“ во моментов ангажира 900 лица во Прилеп. 

Лани странските директни инвестиции во земјава достигнаа 358 милиони евра.


Тања Попова