Култура

Сто и педесетта изведба на претставата „Сомнително лице“

Претставата „Сомнително лице“ вечер ќе има 150-та изведба од премиерата во 2007 година. Познатата комедија на Бранислав Нушиќ во режија на Синиша Евтимов за една деценија ја виделе 55.700 гледачи. Јубилејната изведба е со почеток во 21 часот и е во р

01.04.2017 14:24:22
 Претставата „Сомнително лице“ вечер ќе има 150-та изведба од премиерата во 2007 година. Познатата комедија на Бранислав Нушиќ во режија на Синиша Евтимов за една деценија ја виделе 55.700 гледачи. Јубилејната изведба е со почеток во 21 часот и е во рамки на роденденскиот маратон на Македонскиот народен театар. 

Режисерот Евтимов на прес-конференција по повод јубилејната изведба рече дека оваа претстава му го сменила животот и понудата од МНТ во почетокот на 2007 година, како што рече, дошла во моментот кога размислувал да се откаже од занимавањето со театар.

- Понудата за „Сомнително лице“ дојде од ведро небо и тоа реално ми го смени животот зашто веќе длабоко бев влезен во маркетингот и планирав да престанам да се занимавам со театар. Кој би рекол дека после десет години ќе седам овде, на прес по повод 150-та изведба на таа претстава. „Сомнително лице“ е еден од брендовите на овој театар, а и авторот Нушиќ е, исто така, бренд на овој театар и е поврзан со неговата историја, рече Евтимов.

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, ретко се случува еден театар да слави вака голем број на изведби, а „Сомнително лице“, рече тој, е една од култните претстави во историјата на Македонскиот народен театар. 

- Секоја генерација на актери во МНТ некако ја носи таа убава одговорност да се прераскаже повторно „Сомнително лице“ на еден нов начин. Оваа наша генерација, благодарение на Синиша и на целата актерска екипа, добро си ја има завршено работата и во сабота ќе ја има 150-тата изведба. На бројот на гледачи што ја виделе, 55.700, може да позавидат и многу музички ѕвезди кои ќе дојдат еднаш, ќе имаат концерт во некоја поголема сала и тоа навидум изгледа како феномен. Но, мислам дека феноменот се вика театар и овојпат тоа е „Сомнително лице“, рече Пројковски. 

Во изминатата деценија во претставата учествувале 30-ина актери кои во различни периоди играле различни ликови. Во актуелниот кастинг се  актерите: Александар Микиќ, Сашко Коцев, Нино Леви, Гораст Цветковски, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Никола Ристановски, Ванчо Петрушевски, Магдалена Ризова-Черних и Емил Рубен. Дел од актерската екипа учествуваат и во уште една Нушиќева претстава на репертоарот на МНТ - „Госпоѓа министерка“ која, исто така, неодамна имаше 150-та изведба.

На денешниот роденденски маратон на МНТ, со мото „Создаваме на светов убавина“, ќе бидат изведени уште две претстави - од 15 часот „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов, и од 13 часот на Мала сцена - „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ - двете премиерно изведени минатата година.

Македонскиот народен театар соопшти дека студентите бесплатно ќе може да ги гледаат претставите „Животот е прекрасен“ и „Сомнително лице“ со приложување индекс или студентска легитимација на билетарницата на театарот.

МНТ го одбележува роденденот на 3 април - датумот на кој во 1945 година била изведена првата претстава на македонски јазик - „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.