Економија

Саем на мебел во Скопје од 21 до 26 март

Веќе две години по ред изложбениот простор опфаќа 11 хали со мебел и опрема за домаќинства, како и една хала наменета за машини и репроматеријали за индустријата за производство на мебел.

17.03.2017 13:43:50

Над 400 изложувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Грција, Италија, Босна и Херцеговина и Словенија во вкупно 11 хали ќе се претстават на 43. Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел, што ќе се одржи од 21 до 26 март во Скопје.

Веќе две години по ред изложбениот простор опфаќа 11 хали со мебел и опрема за домаќинства, како и една хала наменета за машини и репроматеријали за индустријата за производство на мебел.

Проект менаџерот Магдалена Хамбова рече дека годинашниот Саем за мебел ќе им понуди интересен шопинг предизвик на посетителите кои со објавување фотографија од омиленото парче мебел со хаштагот „МоетоОмиленоПарчеМебел“ ќе можат да бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.

- Годинава во состав на Саемот за мебел ќе учествуваат и „Урбанолд“ кои повеќе години редизајнираат стари парчиња мебел. Исто така, традиционално ќе се организира стручно оценување на пријавени експонати и ќе бидат доделени признанија на најдобрите учесници на саемот, во две категории: производители и трговци, изјави Хамбова.

Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 100 денари за индивидуални и 50 денари за групни посети и студенти.

Секоја година Саемот на мебел има над 50.000 посетители, а годинава освен изложувачи на мебел, учество ќе земат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови.