Економија

СКМ:алтернатива за солунското пристаниште нема

Алтернатива за Солунското пристаниште и Коридорот 10 за транспорт на стоки засега нема, едногласни се стопанствениците. Барем не постои побрза и поевтина варијанта.

16.03.2017 18:21:04
 Алтернатива за Солунското пристаниште и Коридорот 10 за транспорт на стоки засега нема, едногласни се стопанствениците. Барем не постои побрза и поевтина варијанта. Иако поради разните протести и бегалската криза, македонските фирми во последниве неколку години имаат потешкотии да набавуваат стоки од Грција, главната рута преку преминот Богородица останува приоритет за транспорт на производи.

Алтернативите за Богородица значат дополнителни трошоци. На најголем дел од другите премини нема царински терминал. Превозот преку Меџитлија и Ново Село е поскап за 55%, а обемот на Деве Баир и Делчево е до 40 возила. Железницата сега превезува 30% од стоките кои доаѓаат од Грција. Иако еден воз заменува 30-тина цистерни, основната рута е поскапа за 20%. Најголем проблем се јавува при увоз на нафта. За да се избегнат можни нафтени кризи во иднина, од ОКТА бараат конечно да профункционира нафтоводот Скопје - Солун кој има капацитет целосно да ги задоволи потребите.

Алтернативните пристаништа како Драч, Бар, Бургас, Кавала и Волос се премногу далеку и транспортот би го направиле поскап – велат бизнисмените.  Во моментов 27% од стоките складирани на Солунското пристаниште завршуваат во Македонија. Стопанствениците се надеваат дека заокружувањето на процесот на приватизација на Солунското пристаниште и негово давање под концесија, како и влезот на две приватни компании во железничкиот сектор во Грција ќе ги намали трошоците за транспорт на стоки на македонските фирми.


Тања Попова