Македонија

ЈО истражува црни пари за изборите во 2014 и 2016

Освен пари за глас, првичните сознанија на истрагата одат во насока дека сега осомничените нуделе и други услуги, како вработување, местење тендери со кои пари потоа се финансирала кампањата.

20.02.2017 18:21:06
Поткуп на гласачи и влијание врз нивната волја, поранешни полициски функционери и административци во Скопје, Куманово и Струмица се под истрага на обвинителството за гонење организиран криминал. Од обвинителството не откриваат која партија им е предмет на истрага, неофицијално пак Алфа дознава дека се истражува дали СДСМ купувале гласови за изборите. Според организиран, сомнежите одат во насока дека осомничените давале пари на гласачи за на гласачкото ливче да го заокружат кандидатот кој тие им го кажале, за што биле потрошени неколку стотици илјади евра. Малверзации се правеле за време на локалните и претседателските избори во 2014 година, како и за предвремените парламентарни во 2016 година. 

Освен пари за глас, првичните сознанија на истрагата одат во насока дека сега осомничените нуделе и други услуги, како вработување, местење тендери со кои пари потоа се финансирала кампањата.

Во март лани, обвинителството за гонење организиран криминал, влезе во општина Струмица, тогаш информираа дека истражуваат изборни нерегуларности за изборите во 2014 година, а од општината беа запленети  компјутери. Обвинителството информираше  дека на распит биле повикани и граѓани гласачи. 
Два дена по завршувањето на изборите во 2016 година пак, обвинителството нареди претрес во домот на тогашниот началник на СВР Куманово, кадар на тогашниот министер Оливер Спасовски. Од обвинителството информираа дека од неговиот дом одземени се докази документи и податоци во електронска форма, а поврзани со кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување. Во текот на изборната кампања, во Куманово полицијата интервенираше кога наводно невладина организација делела дрва на ромското население, а во истиот период информации за поткуп на гласачи имаше и од Струмица.

Скопското јавно обвинителство, минатата недела информираше дека  од лани го истражува начинот на финансирање на политичката партија СДСМ. Кривичната пријава е за организаторот на изборната кампања и против други лица. На товар им е ставено злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања. Според наводите на обвинителството се проверува дали осомничените, користеле црни пари за финансирање на кампањата како и дали давале лажни податоци во финансиските извештаи. 


Катерина Гетева