Македонија

По Србија, „Мој Термин“, размислува да преземе и Ирска

Според анализата на тамошната агенцијата за истражување на здравствени услуги, земјата е совршен кандидат за имплементација на електронскиот систем, со кој Македонија успеа да ги минимизира листите на чекање

20.02.2017 18:21:28
По Србија, „Мој Термин“ размислува да го преземе и Ирска. Според анализата на тамошната агенцијата за истражување на здравствени услуги, земјата е совршен кандидат за имплементација на електронскиот систем, со кој Македонија успеа да ги минимизира листите на чекање. Претседателот на агенцијата, д-р Арне Бјонберг смета дека системот „Мој Термин“ совршено ќе функционира во Ирска.  Arne Björnberg

„Имаме мала популација и централизиран здравствен систем, што ја прави Ирска совршен кандидат за овој систем. Србија брои 7 милиони и таму системот веќе функционира. Тој може да биде лиценциран од Австралиско – Македонската компанија која го создаде, за многу пристојна цена“, вели Бјонберг.

Во Ирска, според текстот објавен во даблинскиот весник „The Journal”, листите на чекање се сериозен проблем – на крајот на минатата година дури 80 илјади луѓе со месеци чекале ред за лекарки преглед. Тоа ја рангирало  Ирска на прво место во Европа мерејќи го времето на чекање за итни прегледи. Во неодамнешна емисија на една од националните телевизии во Ирска, д-р Бјонберг, рекол дека ако треба да се направи нешто преку ноќ за да се реши овој проблем, тогаш ќе прати некого во Македонија за да види како земјата со „Мој Термин“ успеала да ги намали болничките листи на чекање.  
Системот, смета Бјонберг, воопшто не е комплициран – матичниот лекар уште додека пациентот е во неговата ординација му закажува преглед кај потребниот специјалист во најблиската здравствена установа. Во анализата на Ирската агенција за истражување на здравствени услуги, се потенцира дека токму поради „Мој Термин“, во 2014-тата Македонија, според европскиот здравствен потрошувачки индекс скокна од 27-мо на 16 место. Веднаш потоа системот го презема Србија. И бидејќи оваа земја успеала да го имплементира за 6 месеци, тогаш, смета Бјонберг, нема зошто да не го користат и други држави. 

Елена Ставровска - Севриевска