Економија

Со мерката Самовработување отворени над 8.700 бизниси од кои 35% ги почнале млади

Објавени огласите од програмата за самовработување. Ќе се издвојат пари за нови 1.000 микро компании, а грантот од неповратни средства за отворање компанија наместо како досега 3.000, се зголемува на 4.000 евра.

20.02.2017 18:21:38
Нешто повеќе од 1.000 лица од сега ќе можат да аплицираат за грантови од 4.000 евра од Програмата за самовработување за 2017. Покрај грантот од 4.000 евра во форма на опрема и репроматеријали, учесниците во програмата за самовработување добиваат и низа други придобивки кои треба да им помогнат да станат успешни претприемачи, како што е обука за претприемништво, поддршка за развивање на бизнис идејата во одржлив бизнис план и советодавна поддршка при регистрацијата на бизнисот.

Преку мерките од оперативниот план за вработување за 2017, планирано е да се креираат нови 10.000 работни места, за што се предвидени 14 милиони и 200.000 евра, или 2,6 милиони евра повеќе од лани. 

Кај младите треба да се поттикне претприемачкиот дух наместо да чекаат друг да ги вработи, рече првиот човек на Агенцијата за вработување, на промоцијата на мерката „Самовработување“ од Оперативниот план за 2017. 

- Заинтересираните ќе можат да аплицираат за обука за пополнување на прашалниците и потоа да ги пополнат. Врз основа на тоа ќе добијат ваучер и еден експерт за изработка на бизнис план. Потоа бизнис планот ќе биде оценуван од експерти и доколку биде проценето дека е одржлив ќе добијат грант за отворање мал бизнис, рече Влатко Поповски, директорот на Агенција за вработување.

Над 8.700 успешни бизниси од 2007 до сега се отворени само преку мерката Самовработување, од кои преку 35% ги почнале млади каде се вработени близу 9.000 лица. Додека преку проектот Македонија вработува 2 се вработени повеќе од 4.200 лица од кои над 2.600 млади. 

Министерот за труд и социјала, информираше дека право на аплицирање имаат сите невработени лица евидентирани како активни баратели на работа.

- Оваа програма има за цел да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање почетни бизниси кои ќе обезбедат одржливи вработувања, не само за самите основачи, туку и за други лица кои ќе се вработат во овие почетни одржливи бизниси. Програмата поттикнува и создавање рамномерна дистрибуција на економските субјекти во земјава, истакна на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Колку за потсетување, Македонија вработува 1, отвори вработувања за 18.900 лица, а Македонија вработува 2 за преку 4.200. Двата проекта беа иницирани со првиот законски проект „Вработување млади лица до 29 години“ кој на газдите им овозможи да вработат млади и да бидат ослободени од плаќање данок.

Инаку, се уште постои дефицит од стручен кадар, но посебно е евидентна потребата од готов кадар кој ќе работи кај странските инвеститори на современата опрема, за што се организираат обуки.

Борис Грујоски