Македонија

Граѓаните меѓу 30 и 35 години ќе добијат поволности од МОН за доусовршување на образованието

130 повозрасни граѓани успеаја да се запишат на факултет во академската 2016 2017 година преку проектот 30/35. Станува збор за вработени или невработени жени над 30 и мажи над 35 години кои во минатото не биле во можност да се стекнат со факултетск

20.02.2017 18:26:25
   130 повозрасни граѓани успеаја да се запишат на факултет во академската 2016 2017 година  преку проектот 30/35. Станува збор за вработени или невработени жени над 30 и мажи над 35 години кои во минатото не биле во можност да се стекнат со факултетска диплома, а со поволностите кои ги нуди министерството за образование  успеале да си помогнат да најдат работа или  пак доколку се вработени да бидат унапредени на повисока работна позиција. Бенефициите преку проектот за оние кои ќе се запишат  на еден од државните универзитети  да плаќаат годишен износ  од 200 евра  и да имаат статус  на вонредни студенти.  

-Интересот постоеше секогаш за речиси сите струки, но најмногу за студиските програми во рамки на техничките, природно- математичките и медицинските науки, коишто согласно реалната состојба на пазарот на труд  се дефицитарни  изјави меѓу другото заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
 
   Проектот се применува веќе седум години, а го искористиле 2000 граѓани.Од министерството велат дека ќе продолжи и понатаму  да се имплементира  со цел да се обезбеди поголема достапност на високото образование  во државата. Додаваат дека согласно последниот извештај  на Директоратот  за образование при Европската комисија со наслов „Од универзитет кон вработување”, произлезен од анализата направена  во високото образование во Македонија, процентот на население на возраст  од 30 до 34 години со завршен факултет се зголемил од 12 проценти во 2006 година на 29 проценти  во 2015 –та.Тоа е уште една потврда за ефикасноста на стратегијата  поддршката и развојот на високото образование. 

Вероника Мароска Леова