Македонија

Сами Укшини: ОБСЕ ни беше посредник за преговори со полицијата

Целта, зошто дошле во Македонија, рече била „да ги ослободат граѓаните и да го спроведат Рамковниот договор„.

17.02.2017 17:55:46
ОБСЕ посредувало меѓу терористите од Диво Насеље, и полицијата да се предадат и да престане пукањето, во Куманово на 9 и 10 мај пред две години. Ова денеска пред Судот го тврдеше Сами Укшини алијас командант Соколи, првообвинет за тероризам за кумановските настани во 2015 та.

Целта, зошто дошле во Македонија, рече била „да ги ослободат граѓаните и да го спроведат Рамковниот договор„.

Командант им бил Мирсад Ндрецај, негов заменик Бег Ризај. Во Македонија влегле ноќта меѓу 1 и 2 мај, требало да останат до 19 ти во месецот.На македонска територија облекле маскирни униформи со амблеми на УЧК. Соколи од Ндрецај добил калашников. Групата се движела ноќе, се криеле во напуштени куќи кај селото Белановце, а пешки продолжиле покрај селата во Липковско, од каде со комби организирано ги донеле до Диво Насеље, во Куманово. 

Соколи рече дека на 9 мај утрото го разбудиле пукотници, не кажа кој прв почнал да пука, но им најде замерка на македонските полицајци –требало да им се најават дека ќе дојдат во Диво Насеље. „Полицијата на оваа држава масовно не напаѓаше“ – рече Соколи. 

Кога почнале пукотниците, обвинетите за тероризам, се поделиле во две групи, едната под команда на Ндрецај,  втората каде билСоколи, не била под негова команда, ама како најстар и со командно искуство од 2001 година, се слушал неговиот збор. Македонската полиција се нашла во вкрстен оган. Сами Укшини во судница тврдеше дека обвинетиот Шефќет Калачи за време на престрелката преку телефон разговарл со ОБСЕ, тие биле посредници меѓу нив и полицијата. Преговорите траеле 3 часа, откако од македонските безбедносни служби не можеле да изнудат чист кордон до Косово, морале да се предадат. 

Ушкини кажа дека доколку тој бил командант на групата, немало денеска групата да биде уапсена, и да седат во Судница. „Ако јас бев командант немаше да има 18 убиени, туку 200“ - рече Соколи


Катерина Гетева