Економија

2017: Нови 10.000 работни места со Оперативниот план за вработување

Нови 10.000 работни места се планирани да се реализираат со мерките и програмите од Оперативниот план за вработување за 2017, за што се предвидени 14 милиони и 200.000 евра, или 2,6 милиони евра повеќе од лани.

17.02.2017 17:54:50
Нови 10.000 работни места се планирани да се реализираат со мерките и програмите од Оперативниот план за вработување за 2017, за што се предвидени 14 милиони и 200.000 евра, или 2,6 милиони евра повеќе од лани. Од вкупниот број планирани нови работни места најголем дел или околу 5.000 се очекува да бидат креирани преку проектот „Македонија вработува 2“.

Ќе продолжи и Програмата за самовработување каде ќе се издвојат пари за нови 1.000 микро-компании, а грантот од неповратни средства за отворање компанија наместо како досега 3.000, ќе се зголеми на 4.000 евра.

- Владата на Република Македонија како врвен приоритет ја постави борбата со невработеноста. Таа борба продолжува и ќе трае се додека не се оствари нашата цел секој граѓанин да добие можност да работи, да придонесе за себе, своето семејство и развој на државата, рече на прес-конференција вицепремиерот здолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Продолжуваат и проектите за поддршка за отворање приватни детски градинки и старски домови со грантови од 12.500 евра кои ќе треба да создадат 80 нови работни места.

Министерот за труд и социјала рече дека со Планот се утврдуваат програмите за вработување кои ќе се спроведат за подобрување на пазарот на трудот.

- Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување на РМ како активни баратели на работа имаат пристап до услугите и програмите, односно мерките за вработување утврдени со Планот. Правото на учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна услуга и програма, односно мерка за вработување, а како општо правило се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30%, истакна министерот за труд и социјала Ибрахим Ибрахими.

Првиот човек на Агенцијата за вработување истакна дека огласите за ќе почнат да се објавуваат од понеделник, со што сите граѓани ќе бидат запознаени со правилата.

- Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, истакна директорот на АВРМ Влатко Поповски.

И во овој Оперативен план се става фокус на зголемување на вработувањето на жените. Со Програмата за самовработување со грантови, 37% од бизнисите ги отвориле жени претприемачи.

- Во периодот од 2007 до 2017 трендот да се оствари вработување на најмалку 30 проценти жени е надминат и од вкупно вработените 45% се жени. И со Програмата за самовработување со грантови 37% од отворените бизниси ги отвориле жени претприемачи, рече раководителката на Центарот за вработување од Скопје Слободанка Алексовска.

Досегашната реализација на оперативните планови во изминатите 10 години опфатила над 102.000 невработени, а од нив моментално со статус на вработени се над 43.000 лица или околу 43%. Изминатите години за реализација на оперативните планови издвоени се над 50 милиони евра. 

Инаку, досега Владата отвори над 168.000 нови работни места во стопанството, а невработеноста од 38% во 2005 ја намали на 23,4% во третиот квартал лани.

Борис Грујоски