Економија

Авторот на извештајот на „Херитиџ“: огромен е напредокот на Македонија

Напредокот на Македонија во извештајот за економски слободи на фондацијата Херитиџ е неверојатен – вели авторот на извештајот Тери Милер. Херитиџ ја рангираше земјава на 31-вото место, што е скок од 16 места за една година.

17.02.2017 17:35:42
 Напредокот на Македонија во извештајот за економски слободи на фондацијата Херитиџ е неверојатен – вели авторот на извештајот Тери Милер. Херитиџ ја рангираше земјава на 31-вото место, што е скок од 16 места за една година. Напредокот, според Милер, е огромен особено ако се има в предвид дека земјава економски напредувала и покрај политичката криза. Македонија се наоѓа на 18-то место во Европа, со што се вброи во групата економски главно слободни земји.

„Ова е тешко време за Македонија во моментов, барем за подобрување на економската слобода, кога имате политички превирања низ кои минувате и исто така имате бегалска криза на границата. Но, јас сум навистина импресиониран колку добра работа завршија македонската Влада и луѓето. Извештајот за Македонија во последниве години е навистина феноменален во однос на економски прогрес во споредба со останатите држави во Европа. За време на последните десетина години видовме зголемување за 10 поени во економските слободи во Македонија“

Милер смета дека напредокот на земјава ќе биде уште поголем кога ќе се разреши политичката криза. Извештајот на Херитиџ ги рангира државите според тоа колку успеале да го контролираат својот долг, да обезбедат ниски даноци и конкурентна регулатива за да овозможат развој на бизнисот, а притоа да ги почитуваат сопственичките права и владеењето на правото. Според Милер, Владата го држи долгот под контрола, додека државниот удел во економијата е околу 32,2%.

„ Имаше значително подобрување поради добриот напредок што Македонија го направи во одржување на фискалното здравје на Владата и држење на дефицитот на ниско ниво. Со вакви перформанси земјава се најде во категорија на држави како што се Чешка, Австрија и Финска“

Според Милер, добро е што Македонија успеала да привлече инвестиции од автомобилската индустрија, бидејки сега има поразновидна структура на извозот. Тој сугерира дека треба да продолжат структурните реформи во економијата, бирократијата и борбата со корупцијата.

Тања Попова