Македонија

Поларна зима која најмногу се манифестира кај бездомниците

Хипотермија, трнење и бледило проследено со вкочанетост и смрзнатини предизвикаа екстремно ниските температури и поларната зима која најмногу се манифестира кај бездомниците.

11.01.2017 17:59:22
 Хипотермија, трнење и бледило проследено со вкочанетост и смрзнатини предизвикаа екстремно ниските температури и поларната зима која најмногу се манифестира кај бездомниците. Во прифатните центри се згрижени се 120 луѓе кои сега поради екстремниот студ се отворени 24 часа. Екипите на Црвен Крст секојдневно собираат брздомни луѓе, најчесто по дојава на граѓани, полициските службеници и Брзата помош. Досега се реализирани 12 дојави од граѓани кои резултирале со 10 згрижувања. 2 лица одбиле сместување но ја прифатиле понудената хуманитарна помош.

 - Интервенираме со хуманитарна помош и поддршка во кебиња, средства за дезинфекција, облека и се она што е потребно. Затоа ја следиме состојбата, во целата операција се вклучени 45 волонтери кои се 24 часа на располагање и кои се обучени да работат со овие лица, тука се социјалните работници, психолози,вели Сузана Пауновска од Црвен Крст 

 Во прифатниот пункт на Црвен Крст во Момин Поток затекнавме 15 луѓе кои добија топол оброк, бесплатен лекарски преглед и соодветна терапија. Во рамките на пунктот функционира и опремен простор со туш кабини и дел за вршење на фризерски и берберски услуги.

 - Температурата можете да видите дека е до 25 степени, тоа им е најпотребно во овој зимски период, другите услуги тука се капење, топли напитоци, медикаменти. Услужуваме до 20 лица дневно, изјави Драгана Лазаревска координатор на пунктот за бездомници

 Во Скопје дел од кафулињата и продавниците пак ги отворија вратите и за уличните кучиња и мачки. Топол оброк, вода и катче каде ќе ја соберат потребната топлина за да ги преживеат студените денови. Најчесто си седат покрај масите на гостите и го поминуваат своето време чекајки некој да ги земе. Голем дел и од граѓаните преку социјалните мрежи организираат акција  за правење привремени кукички за кучињата и мачињата скитници. 

 Лепа Џундева