Македонија

Аналитичари: со продолжување на мандатот на СЈО би продолжила политичката криза

Политичкиот аналитичар Никола Србов смета дека доколку обвинителството на Катица Јанева не може да се реформира, мора да се елиминира, а работата да ја превземе Јавното Обвинителство, институција која е формирана за таа намена.

11.01.2017 17:59:40
Продолжување на мандатот на СЈО, ќе значи продолжување на кризата во Македонија, сметаат аналитичарите, откако првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за весникот „Дневник“ порача дека нема да прифати продолжување на СЈО за дополнителни 18 месеци.
 
Политичкиот аналитичар Никола Србов смета дека доколку обвинителството на Катица Јанева не може да се реформира, мора да се елиминира, а работата да ја превземе Јавното Обвинителство, институција која е формирана за таа намена. 

Груевски во интервјуто за „Дневник“  истакнува дека нема правни и суштински потреби за да се продолжи работата на СЈО туку целта е да се пролонгира наметната криза како обид за отстранување на ВМРО-ДПМНЕ од власта.

- Тоа што го договоривме го почитуваме и покрај целата очигледност дека СЈО е идеја што на Заев му е сервирана однадвор и дека тие што ја сервираа, немаат цел работите реално да се истражат бидејќи тие одамна имаат преслушано и истражено. Свесни се дека нема никакви релевантни докази за никаков криминал против функционерите од ВМРО-ДПМНЕ туку имаат потреба да ја држат земјата во заложништво за да реализираат некои други цели, вели Груевски во интервјуто.
 
Во однос на барањата преточени во платформа која ја понудија албанските партии како услови за коалицирање во новата Влада, Србов вели очигледно е дека сите ветувања кои даде во предизборието Зоран Заев, се слеани во овие услови. 

Претседателот на ВМРО со јасен став во однос на составувањето на новата Влада, вели дека доколку ДУИ не сака да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што не прифаќаат продолжување на мандатот на СЈО, нема да правиме коалиција по секоја цена, потенцира Груевски. 


Ивана Соколовиќ Најдова