Свет

Студот продолжува да одзема животи во Европа

Студот не попушта. Ниските температури во Европа и Балканот продолжуваат да одземаат животи. Најмногу жртви, 24, има во Украина, 10 во Белорусија, по шест во Полска, Романија и Словачка.

11.01.2017 18:00:16
 Студот не попушта. Ниските температури во Европа и Балканот продолжуваат да одземаат животи. Најмногу жртви, 24, има во Украина, 10 во Белорусија, по шест во Полска, Романија и Словачка. Во земјите од западен Балкан само во последниве 24 часа се регистрирани седум нови жртви на хипотремија, од кои тројца во Србија. Жртви на студеното време, главно бездомници и мигранти, се регистирани и во Албанија, Бугарија, Италија и Чешка. Во Босна и Херцеговина регистрирани се нови две лица починати од премрзнување. 

“Зимата со вака ниски температури и волку снег порано беше вообичаено...Ние бевме навикнати и очекувавме дури и повеќе снег.“
“Секако дека снегот е убав, но кога врне во Истанбул и кога сообраќајот ќе запре, се е хаос наоколу“.

Од вчера е забранета пловидбата по реките Дунав и Сава, поради појава на парчиња мраз на речните површини, а поради силниот ветер затворени за сообраќај беа и пристаништата во западниот дел на Црното Море. Во делови на Грција, вклучително и во реонот на Солун, е прогласена вонредна состојба, а во Атина не работат училиштата и дополнително се отворени над 10 центри за згрижување на бездомниците. Од Црвениот крст апелираат  -  граѓаните добро да се заштитат од ниските температури и да направат резерви на храна и вода за пиење и редовно да ја следат временската прогноза. Според метеоролозите, се очекува во следните денови температурата на воздухот во некои делови на Европа да се спушти и до 40 степени под нулата.

И додека Европа се смрзнува, температурите во Сиднеј се искачија над 40 степени, а граѓаните бараат освежување на плажите кои се преполни. Властите забранија да се пали оган во неколку области на Нов Јужен Велс, а на граѓаните им се препорачува конзумирање многу течности.  

Весна Дрвошански