Македонија

Битолско Мариово и Пелистер проодни, за дивечот прихрана

Битолската подружница на ``Македонија пат`` која одржува 1. 400 км должински магистрални и регионални патишта, во отежнати услови и врнежи на снег проследени со ниски температури, веќе ги има оспособено за сообраќај патиштата од прв и втор приоритет

11.01.2017 18:02:04
 Битолската подружница на ``Македонија пат`` која одржува 1. 400 км должински магистрални и регионални патишта, во отежнати услови и врнежи на снег проследени со ниски температури, веќе ги има оспособено за сообраќај патиштата од прв и втор приоритет. Денеска ги пробиваше регионалните патни правци во битолскиот дел на Мариово од Рапеш до Старавина, каде што од ноќеска и утрово имаше нови врнежи на снег.

- Веќе го пробиваме патот и тој е прооден иако има десеттина см снег на потегот Рапеш-Старавина. Моментално, возилата се некаде до средината со пробивањето, меѓутоа, нема проблем за одвивање на сообраќајот и тој е веќе пробиен - рече Веселинчо Спасески, регионален раководител на битолската подружница на ``Македонијапат``.

Синоќешните врнежи , утрово го имаа оневозможено сообраќајот по регионалниот пат на Пелистер до хотелот ``Молика`` и до ски-центарот над Нижо поле. Во текот на денешниот ден, овие регионални патишта се проодни.

- Веќе нашиот камион се проби и не е проблем, но само со зимска опрема. Истото важи и за скијачкиот центар ``Стрежево``, а патото на Нижо поле е прооден - вели Спасески.

Снежната покривка од 60 см, благопријатно ќе се одрази врз биодевирзитетот на целата флора и фауна на Пелистер, велат од националниот парк  ``Пелистер``. Ренџерската служба на националниот парк, навреме ги обезбеди сите услови за прихрана.

- Имаме извесни проблеми со стигнување до одредени одредишта на Пелистер, затоа што, веројатно надлежните не се во можност да го исчистат благовремено, но, оној дел каде што е ангажиран Националниот парк околу заштита на животните и прихраната, ние благовремено поставивме храна и стигнуваме да дополниме онаму каде што е потребно - рече м-р Пеце Цветановски, раководител во НП ``Пелистер``.

За прихрана на птиците, дивите свињи и копитарите, пред се срните, организирани се четири пунктови за прихрана, кои на Пелистер ќе обезбедат зимска идила за тамошниот дивеч.

Петар Стефановски