Свет

Проштален говор на Обама: Америка е повторно голема но демократијата е на испит

Америка е подобра и посилна држава отколку пред осум години но нашата демократија сега е во опасност. Американскиот претседател Барак Обама го одржа последниот говор пред повлекувањето

11.01.2017 18:01:58
 Америка е подобра и посилна држава отколку пред осум години но нашата демократија сега е во опасност. Американскиот претседател Барак Обама го одржа последниот говор пред повлекувањето од најмоќната функција во светот. Обама својот последен говор го имаше во Чикаго, градот од каде што започна неговиот метеорски пат кон Белата куќа. Пред илјадници поддржувачи тој ги наброја своите успеси додека беше на чело на државата, особено потенцирајќи дека меѓурасните односи во САД се многу подобри отколку пред 30 години, но како што рече „се уште не сме таму каде треба да бидеме“.

- Ако ви кажев пред осум години дека Америка ќе ја надмине големата рецесија. Ако ви кажев дека ќе отвориме ново поглавје со кубанскиот народ, дека ќе ја исклучиме иранската нуклеарна програма без ниту еден испукан куршум, дека ќе го кутнеме мозокот на нападите од 11 септември...Ако ви го кажев тоа ќе помислевте дека премногу ветувам. Но го направивме сето тоа. Америка е подобра и посилна отколку што беше на почетокот – рече Обама.

Во пресрет на инаугурацијата на Доналд Трамп на 20-ти јануари Обама ги предупреди своите сонародници да ја зачуваат демократијата бидејќи таа е под закана секогаш кога се сфаќа здраво за готово.

САД имаат голем потенцијал, но тој може да биде реализиран само ако демократијата ни е во функција...само ако сите ние, независно од која партија сме, го носиме чувството за заедничка цел од која имаме потреба точно во овој момент - рече Обама.

Обама говорот го заврши со варијација на некогашниот слоган Yes, we can (Да ние можеме) во - Yes, we did it (Да, го направивме тоа). Неговиот наследник Доналд Трамп, функцијата ја презема во момент на силна поделеност на американското општество, голем јаз мегу Демократската и Републиканската партија, а на надворешен план  на опасна нетрпеливост мегу САД и Русија која според многумина е еднаква на онаа од времето на Студената војна.

Драган Милосављевиќ