Економија

2016: Пад на невработеноста во Македонија на историски најниски 23,4%

За 2016 клучно е што и во услови на криза и тоа сериозна, економијата задржа добри перформанси и тоа од повеќе апсекти. Се намали невработеноста на најниски граници. Ако се суди според стратегиите, тоа ќе биде врвен економски приоритет и 2017.

07.01.2017 16:32:30
Јасминка Клинчева е само една од многуте која со државна помош успеала да отвори свој бизнис. Преку програмата за самоврботување искористила гранд од 2.000 евра за опрема и репро материјали за нејзината стоматолошка ординација. По скоро една година од работењето како стоматолог, таа е уверена дека само со труд може да се постигне резултат. За сега има вработено една помошничка, но вели дека нема да застане тука.

Пари во вид на субвенции од државата добил и Сашко Гелев кој главно ги искористил за обука на своите вработени. Тој е сопственик на агенција која се занимава со превод на вести од македонски на англиски јазик. Сега има вработено шест работници, а вели дека планирал бројот да го зголеми. 

Инаку, за само една година невработеноста од 25,5% падна на историски најниски 23,4%. Ова е најзначајното достигнување на економски план во политички нестабилна година. 

Инвестициите во инфраструктурата, растот на индустријата, но најмногу активните мерки за вработување и проектите „Македонија вработува“ 1 и 2, придонесоа за овој успех. Комбинацијата од двата проекти резултираше со вработување на скоро 22.700 луѓе, вели за Алфа првиот човек на Агенцијата за вработување, Влатко Попвски.

Проектот „Македонија вработува 2“ продолжува и во 2017. Фирмите кои се ослободени од дел од придонесите ангажираат млади, но и невработени над 50 години кои долго време бараат работа. Сите мерки треба да придонесат да се остварат плановите за невработеноста да падне на 22% во 2018.

Кога се зборува за пад на невработеноста неминовно е да се спомене заслугата на странските инвеститори. Годинава и покрај неизвесноста на политички план, ниту една фирма не се предомисли да го продолжи бизнисот во Македонија. 

Како доста успешен беше и Фондот за иновации, кој на многу старт ап компании им овозможи да почнат бизнис, но и да го зголемат бројот на работници.

Ако се анализираат податоците на Државниот завод за статистика може да се заклучи дека невработеноста од 2006 до сега е намалена за цели 12%.Тогаш изнесувала 36%, а сега е 24%. Убедливо највисоки стапки на невработеност се регистрирани во 2003 - 36,7%, 2004 - 37,2% и во 2005 година 37,3%. 

Македонија во време на политичка криза успеа да испорача до сега најниска стапка на невработеност од нејзиното осамостојување.

Борис Грујоски