Спорт

Ракометарите први ќе се офајдат од новите законски измени, Агенцијата за млади и спорт и додели 110.000 евра на РФМ

110.000 евра за Ракометната федерација на Македонија доделува Агенцијата за млади и спорт. Таа прва ќе види корист од новите законски измени, кои стапија на сила од 1 јануари.

05.01.2017 18:19:18
110.000 евра за Ракометната федерација на Македонија доделува Агенцијата за млади и спорт. Таа прва ќе види корист од новите законски измени, кои стапија на сила од 1 јануари. 

Парите ќе се искористат за финансирање на два значајни настана - квалификацискиот турнир за пласман на СП во Алжир и целосно учеството на машката сениорска репрезентација на СП во Франција.

Благодарност за добиените финансиски средства искажа  претседателот на федерацијата Живко Мукаетов.

- Со овој нов чекор кој се прави ние како федерација ќе можеме уште поактивно да се насочиме и кон помладите категории, а не да бидеме врзани само за А селекцијата. Ни следуваат организации на квалификациски турнири и други активности. Секоја помош е добредојдена. Добро е да се направи сегрегација, да се одберат неколку спортови во кои државата поинтензивно ќе финансира. Ние сме мала држава и не може во секој спорт да очекуваме големи резултати. Ние ќе знаеме на правилен начин да ги искористиме овие средства за развој на ракометот. Ова ќе биде дополнителен импулс и за сениорската репрезентација која ја очекува настап на СП во Франција. За врвен спорт требаат пари, заради тоа треба добра синергија и од државата и од спонзорите за на долг рок да направиме стратегија и да испорачаме резултати, рече Мукаетов.

Од агенцијата за млади и спорт очекуваат на годишна основа да соберат меѓу 80 и 100 милиони денари со кои ќе се финансираат спортските федерации и Македонскиот Олимписки комитет.

- Денеска го потпишавме Договорот за финансирање на настани организирани од Ракометната федерација на Македонија, кои ќе се случат овој месец, а истите се како резултат на новиот стабилен извор на финансирање преку Законот за игрите на среќа и другите забавни игри, согласно кој веќе околу два месеци на сметка на АМС легнуваат средства од приредувачите на игри на среќа. Први, бенефит од овие средства ќе имаат РФМ, за кои согласно денеспотпишаниот договор ќе се финансира организацијата на квалификацискиот турнир за пласман на СП М-21 во Алжир 2017 година, што го организира РФМ, во периодот од 4 до 8 јануари 2017 година во Скопје, во износ од 600.000 денари и целосно покривање на трошоците за учество на машката сениорска репрезентација на СП во Франција (12 - 29 јануари 2017 година), во износ од 6.000.000 денари, информира на денешната прес-конференција директорот на АМС Марјан Спасески.

Оваа информација прв преку социјалните мрежи ја соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

- Оваа мерка е нешто што македонскиот спорт го чекаше цели 25 години. И покрај сите предизвици со кој се соочувавме во изминатиот период, а водејќи се според начелото дека дадениот збор не смее и не е заборавен, се работеше на реализација на мерките за поттик и развој на спортот и македонските спортисти, напиша меѓу другото Никола Груевски.

Законските измени предвидуваат компаниите кои донираат финансиски средства на спортските федерации и на Македонскиот Олимписки комитет да бидат ослободувани од данок. Ова значи директно откажување на државата од приливот на дел од средствата во корист на спортот.

Борис Груоски