Спорт

Темелковски: Пласманот на СП ќе биде потврда за квалитетот на оваа генерација

Два дена пауза имаа и членовите на младата репрезентација која се подготвува за настап на квалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство што ќе се одржи во Скопје во периодот од 4 до 6 јануари.

02.01.2017 14:43:43
"Во оваа селекција имаме веќе докажани ракометари кои имаат настапи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Ова е една прекрасна генерација, која има историска можност да биде дел од едно Светско првенство. Првиот дел од подготовките во Маврово минаа одлично. Од денеска го почнуваме вториот дел, но за жал имаме малку време за глазура на формата бидејќи веќе в среда стартуваат квалификациите", истакна селекторот на репрезентацијата, Илија Темелковски.

Македонија за место на Мундијалот ќе се бори со селекциите на Португалија, Турција и Полска. Токму Полјаците ни се директниот конкурент за првата позиција, а тој натпревар го играме в среда во салата на СРЦ Кале и тоа со почеток од 17:45 часот.

























"Акцентот е ставен на тој прв дуел со Полјаците. Тоа ќе биде решавачки натпревар за освојување на првото место. Полска беше осма на последното Европско првенство и навистина станува збор за еден одличен тим. Имавме можност да ги анализираме настапите на Полска на континенталниот шампионат во Данска. Имаат квалитетна надворешна линија, шутираат од сите позиции. Во одбрана играат зона 6-0 бидејќи станува збор за екипа во која има неколку високи играчи и играат многу агресивно. Нашата игра ја прилагодуваме кон стилот што го негуваат Полјаците и верувам дека на крајот ќе успееме да забележиме победа. Воопшто не ги потценуваме останатите противници бидејќи наша цел е пласман на Светското првенство", продолжи Темелковски.

























Предводникот на оваа репрезентација на располагање има ракометари кои настапувале во елитното натпреварување во сениорска конкуренција, а имаат искуство стекнато со играње на мечеви во СЕХА лигата. Селекторот Темелковски сепак потенцира дека мора да превладува тимскиот дух и со максимално залагање бидејќи само така може да се стигне до успех.

"Најважно е сите во мечевите да влезат со голем мотив, но мораме и да бидеме максимално дисциплинирани во играта. Костурот на тимот е формиран. Марко Нелоски, Филип Талески, Мартин Велкоски, Давор Палевски, Филип Арсеновски тука е голманот Мартин Томовски имаат искуство од настапите во Лигата на шампионите и СЕХА лигата, но ние мораме да најдеме начин како да функционираме како тим. И останатите играчи, кои се несомнено квалитетни мораат да го дадат својот придонес. Сепак потенцирам со искуството на овие ракометари што веќе ги споменав и квалитетот и талентот на сите останати можеме да направиме добар резултат и да се пласираме на Мундијалот во Алжир", заврши Темелковски.