Култура

„Д-р Фауст“ премиерно на битолската театарска сцена

Вечната тема за д-р Фауст што со векови инспирирала многу автори, меѓу кои Волвганг Гете и Кристофер Марлоу, српскиот режисер Андраш Урбан, ја поставува на експерименталната сцена од Народниот театар во Битола.

14.12.2016 18:44:09
Вечната тема за д-р Фауст што со векови  инспирирала многу автори, меѓу кои Волвганг Гете и Кристофер Марлоу, српскиот режисер Андраш Урбан,  ја поставува на експерименталната сцена од Народниот театар во Битола, а премиерно ќе биде изведена утревечер. Од драмскиот текст на Марлоу се искористени само десет проценти, а останатиот дел преку своевидна работилница на актерите и режисерот е создаден крајниот продукт на оваа претстава, беше речено на денешниот прес.  ``Доктор Фауст`` е камерна претстава во која играат дванаесет битолски актери, а во изведбата се најавува сценска инплозија на мал простор и експлицитни сцени.

- Драмата на Марлоу е еден вид на моралитет во рамките на христијанската етика, но сега доаѓаме до некое размислување за судирот со некои конвенции- рече режисерот Андраш Урбан.- Гледачите, во претставата ќе си поставуваат прашања, а некои од нив можеби ќе им бидат одговорени. Се на се, направивме една добра претстава која што ќе има долг живот на сцената и ќе ја види доста публика- рече актерот Иван Јерчиќ.

``Д-р Фауст`` годинава е деветта премиера на Битолскиот народен театар, а режисерот Андраш Урбан кој минитата година беше прогласен за режисерско име број еден во Србија, пред четири години  ја постави и пиесата  ``Хамлет машина`` која го отвори патот на новата сцена и доживеа педесет изведби.


Петар Стефановски