Македонија

Здружение за ЦФ: на позитивната листа да се стават лекови за симптоматолошка терапија

Во центарот за цистична фиброза, кој во рамки на Институтот за белодробни болести во Козле, е отворен во март годинава, се лекуваат повеќе од 40 деца со оваа генетска болест

24.11.2016 17:14:16
На позитивната листа на лекови што побрзо да се стават лекови за симптоматолошка терапија за болните од цистична фиброза – побараа денеска од здружението на болни. Потребата за овие лекови е уште поголема и поради фактот што некои од нив ги нема ниту во државата и пациентите мора да одат во странство за да ги купат. 

„Многу антибиотици, антифунгициди, супоративна терапија, мултивитамини, хипер калорични додатоци во исхраната, ги нема на Фондовската листа на лекови, а ги нема ниту во државата да се купат приватно. Апелираме исто така да се внесат и лекови – сираци за болните од цистична фиброза“, рече меѓу другото Снежана Бојчин, претседател на здружението на болни од цистична фиброза. 

Во центарот за цистична фиброза, кој во рамки на Институтот за белодробни болести во Козле е отворен во март годинава, се лекуваат повеќе од 40 деца со оваа генетска болест. Последното дете е примено пред една недела – возрасно е 3 ипол години а тешко само 8 ипол килограми. 

„Апелирам до матичните лекари при ненапредување на детето во телесна тежина, при потешки долно респираторни инфекции, секогаш да се мисли на ова заболување и да се упатуваат децата со цел порана и побрза дијагностика“, објаснува д-р Ирена Чакаларовска, од центарот за цистична фиброза. 

Во рамки на Европската недела за цистична фиброза, од здружението сепак истакнаа дека годинава е година на пресврт во однос на третманот на болните - тие добија најсовремен центар за цистична физброза по европски стандарди. Во него има можност да се изолираат пациентите и да се избегнат инфекциите. А во исто време ќе се намали цената на лекување на болните. 
Целта на одбележувањето на европската недела на оваа болест е да се подигне јавната свест за цистичната фиброза и да се изедначи третманот на пациентите во сите европски земји.

Елена Ставровска - Севриевска