Економија

Нов инвестициски циклус во октомври

Нов инвестициски циклус во октомври. Една странска компанија, Костал започна со работа, додека во последниве два дена, уште две беа најавени дека ќе стартуваат со реализација на вложувањата.

12.10.2016 17:54:35
 Нов инвестициски циклус во октомври. Една странска компанија, Костал започна со работа, додека во последниве два дена, уште две беа најавени дека ќе стартуваат со реализација на вложувањата. Тројца инвеститори ќе отворат вкупно 2.500 нови работни места и тоа вон главниот град, односно во Охрид, Битола и Велес. Тоа ќе значи не само помала миграција од овие места во Скопје, туку и зголемен животен стандард на населението во тие региони. 

Германската Костал завчера го означи стартот на производството. Во следните 10 години компанијата планира да инвестира 30 милиони евра и да отвори 800 работни места. До крајот на годинава бројот на вработени треба да се искачи на 100, а инвестициите да достигнат 6 милиони евра. Костал моментално работи во комплексот на поранешен ЕМО, но планира да гради фабрика во охридско-струшката зона.

За една до две седмици, со работа во реновираната фабрика на поранешна „Нонча Камишова“ во Велес треба да почне и германската компанија „СТС Текстајлс“. Со инвестицијата од 7 милиони евра ќе се произведува индустриски текстил за потребите на медицинската индустрија. Првично ќе бидат вработени 50 луѓе, но компанијата планира да отвори вкупно 1.000 нови работни места.

Нова инвестиција влегува и во Битола. Се работи за грчки „Цераметал“ кој планира да инвестира 12 милиони евра и да вработи 600 луѓе. Компанијата веќе купила градежно неизградено земјиште во индустриската зона „Жабени“. Од менаџментот на „Цера Метал“ велат дека поволната бизнис клима и инфраструктурната поврзаност со матичната земја, ниските трошоци за работа, како и квалитетната работна сила биле пресудни за да инвестираат во Македонија.

Обемот на странски инвестиции во земјава достигнал над 171 милион евра во првите 7 месеци од годинава – објави Народната Банка. Тоа е за 12,2 милиони евра повеќе споредено со истиот период минатата година.

Тања Попова