Економија

За Предлог буџетот се расправа на собраниската комисија за финансирање и буџет

За пратениците од власта развоен со многу капитални инвестиции, за оние од опозицијата рекорден о обем кој ќе придонесе за нови задолжувања –вака го оценија народните избраници предлог буџетот за 2017, за кој се расправа во матичната комисија за фина

28.09.2016 17:49:59
 За пратениците од власта развоен со многу капитални инвестиции, за оние од опозицијата рекорден о обем кој ќе придонесе за нови задолжувања –вака го оценија народните избраници предлог буџетот за 2017, за кој се расправа во матичната комисија за финансирање и буџет во Собранието. 

Министерот за финансии Миноски детално го образложи – буџетот се темели на економски раст од 3%, дефицит од 3 отсто од БДП, како и инфлација од 1%. Вкупните приходи ќе бидат повисоки за 7.6, а вкупните расходи за 4 и пол проценти. 

438 милиони евра треба да се потрошат на бројни проекти во инфраструктурата, образованието, здравството, културата. Пари ќе има за реконструкција на железницата долж Коридорот 10, за пругата кон Бугарија, за довршување на започнатите автопатски делници, реконструкција на регионални и локални патишта, за клиничкиот центар Мајка Тереза, клиничката болница во Штип. Во буџетот ќе има повеќе пари и за плати, пензии и социјални надоместоци. 

Земјоделците, пак, ќе добијат субвенции во висина од 140 милиони евра, додека уште скоро 40 милиони евра ќе бидат наменети за инвестиции во земјоделството и руралниот развој. 

Пратениците од СДСМ изразија сомнеж дека Владата ќе успее да ги собере потребните приходи и дека капиталните инвестиции ќе се реализираат во целост. Прашаа зошто Влада решила и натаму да го зголемува јавниот долг, кога се обврзала на фискална консолидација. 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уверуваше дека со новиот буџет ќе се реализираат голем број на капитални инвестиции, ќе продолжат мерките за вработување, со што стапката на невработеност ќе се сведе на рекордно ниско ниво. 

Расправата по Предлог - буџетот за 2017 година во Комисијата според Деловникот треба да заврши за 10 дена.

Тања Попова