Економија

Светска Банка: Македонија со раст од 2% во 2016

Македонската економија ќе оствари 2% раст годинава – проектира Светска Банка во најновиот извештај. Тоа е ниво на раст кој е за респект во Европа, но намалената проекција е резултат на помалите инвестиции во приватниот сектор – велат од Банката.

27.09.2016 19:19:37
 Македонската економија ќе оствари 2% раст годинава – проектира Светска Банка во најновиот извештај. Тоа е ниво на раст кој е за респект во Европа, но намалената проекција е резултат на помалите инвестиции во приватниот сектор – велат од Банката. Врз инвеститорите влијае политичка криза, но нејзиното разрешување ќе ја закрепне економијата. Светска Банка смета дека спроведувањето на избори во декември и формирањето на стабилна Влада ќе ја врати довербата кај бизнисмените и земјата ќе оствари 3.3% раст наредната година и 3.7% во 2018-та.

Главен двигател на растот и натаму ќе бидат граѓаните, пред се поради зголемените плати, пензии и социјални надоместоци. За разлика од останатата индустрија, градежништвото најмногу придонесува во вкупната економија, но од Светска Банка уверуваат дека на долг рок растот кој се билда од само еден сектор не е одржлив. Економијата без стимулирањето на градежништвото ќе остварела раст од 0.6 отсто–пресметале од Светска Банка. Во извештајот се наведуваат очекувањата и за пад на невработеноста на 22.7% за две години. Сегашната намалена стапка на невработеност била резултат на излезот од пазарот на труд на долгорочно невработените, како и новите работни места, од кои 90% биле отворени со државни стимулации.

Светска банка забележува зголемени фискални притисоци, главно поради  недостатокот од фискална консолидација во изминатиот период. Оттаму не очекуваат јавниот долг да се намали во следните 3 години, исто како и  дефицитот и долговите на јавните претпријатија кои треба да се намалат по завршување на веќе започнатите проекти.

Тања Попова