Економија

Светска банка: Македонија со раст од 3.7% во 2016 година

Македонската економија ќе оствари најголем раст во регионот – проектира Светска Банка. Во најновиот јунски извештај „ Глобални економски перспективи“, Банката ја зголеми проекцијата за растот на БДП во земјава од јануарските 3.5 на 3.7%, а за наредни

08.06.2016 17:19:23
 Македонската економија ќе оствари најголем раст во регионот – проектира Светска Банка. Во најновиот јунски извештај „ Глобални економски перспективи“, Банката ја зголеми проекцијата за растот на БДП во земјава од јануарските 3.5 на 3.7%, а за наредните две години проектира 4%-тно зголемување. И минатата година Македонија остварила раст од 3.7% што е меѓу највисоките во регионот. 

„Ерменија, Косово  и Македонија испорачаа раст од над 3%, земји кои имаат блиски економски врски со Европската Унија. За разлика од нив Белорусија и Молдавија кои се поврзани со руската и украинската економија влегоа во рецесија во 2015-та година“ – стои во извештајот на Светска банка.

Без посебен осврт на поединечните држави, во извештајот се ревидирани проекциите за раст на економиите. Црна Гора треба да оствари идентичен раст како и Македонија од 3.7%, Косово од 3.5%, Албанија од 3.2%, економијата на БиХ да се зголеми за 2.6%, на Бугарија за 2.2 отсто, додека Хрватска ќе има најнизок пораст на БДП од 1.9%.

Светска Банка ја намали генералната проекција за раст на светската економија од јануарските 2.9% на 2.4%. Во анализата се посочува дека развиените држави како САД и Јапонија стагнираат, ниските цени на производите се задржале предолго на исто ниво, глобалната трговија слабее, додека компаниите се соочуваат со намалени приливи на капитал. Најголем раст ќе остварат Индија од 7.6% и Кина од 6.7%, додека Русија и Бразил најверојатно ќе ја завршат годината во рецесија.

Тања Попова