Економија

58,7 милиони евра странски инвестиции во Македонија во првиот квартал годинава Новинар: Марија Мининчиќ

58,7 милиони евра изнесувале странските директни инвестиции во Македонија во првиот квартал годинава. Најновите податоци на Народната банка покажуваат дека има намалување од 5,34 милиони евра во споредба со истиот период минатата година кога вкупно

01.06.2016 17:52:38
58,7 милиони евра изнесувале странските директни инвестиции во Македонија во првиот квартал годинава. Најновите податоци на Народната банка  покажуваат дека има намалување од 5,34 милиони евра во споредба со истиот период минатата година кога вкупно имало 64 милиони евра странски инвестиции, што е минимално во услови на политичка криза во земјава и целосна неизвесност. Најмногу инвестиции се забележуваат во февруари – 33 милиони евра. 

И годинава, повторно најголеми инвеститори во земјава се Германците со вложени речиси 9 милиони евра. На второ место е Лихтенштајн со 7,5 милиони евра, па следуваат Италија, Австрија и САД. 

Гледано по сектори најмногу инвестиции од над 15 милиони евра се забележуваат во дејноста со моторни возила и друга транспортна опрема, во градежништвото од 12,88 милиони, додека во текстилот и финансиското посредување, освен осигурувањето инвестициите изнесуваат 3, односно 2,5 милиони евра. 

Минатата година во земјава влегле вкупно 157 милиони евра, во 2014 год 205, додека во 2013 годин. 252 милиони евра. 

Иако експертите предупредуваа дека продлабочувањето на политичката криза директно ќе удри меѓудругото и врз нови инвестиции, сепак на терен очекувањата се оптимистички. Најново е дека две австриски компании се заинтересирани да го вложат својот капитал во Македонија. Првата е од осигурителниот сектор, другата планира да отвори Регионален центар за услуги.

Во меѓувреме најголемата грчка компанија за откуп и преработка на тутун „СЕКЕМ“, објави дека наскоро ќе стартува со изградба на производствен погон во индустриската зона во Крушево. Анализите покажуваат дека дури 84% од странските инвеститори повторно би вложиле во Македонија. Доказ за тоа е изградбата на вторите фабрики на веќе присутните „Ван Хул“ од Белгија и американската „Џонсон Контролс“.

Марија Мининчиќ