Ракомет Лига на шампиони 2015/16

Вардар и трет пат без пласман во финалето на Ф4

Ракометарките на Вардар во полуфиналето на завршниот турнир во Лигата на шампионки доживеаа пораз од 27:21 во дуелот против Букурешт.

07.05.2016 19:56:37

Ниту во третиот обид ракометарките на Вардар не успеаа да се пласираат во финалето на завршниот турнир во Лигата на шампионки. По двете елиминации од Будуќност во претходните години, верувавме дека токму денеска во соочувањето со Букурешт нашиот првак го одигра најлошиот натпревар сезонава и на крајот доживеа убедлив пораз. Вардар очајно го отвори мечот. По водството од 1: на македонскиот шампион, следуваше серија на противникот од 7:0 која се чини дека беше решавачка за епилогот на овој дуел.

Вардар играше очајно во одбраната, а уште полошо беше во нападот. Нашите ракометарки во текот на 60 минути имаат 17 загубени топки, а голманката на Букурешт Јелена Грубишиќ забележа дури 19 одбрани, но најголемиот дел од нив беа по лоши обиди на противникот.

Вардар во ниту еден момент не успеа посериозно да го загрози водството на противникот и во самата завршница тренерот на Букурешт, Ким Расмунсен дури си дозволи луксуз да ги одмора стартерките за утрешното финале.

Најефикасна во нашиот тим со шест гола беше Андреа Лекиќ, Сираба Дембеле впиша четири, а по два пати прецизни беа Барбара Лазовиќ и Јованка Радичевиќ.

На спротивната страна Ана Родригез беше стрелец на пет погодоци, а по четири постигнаа Изабел Гулден, Лине Јоргенсен и Оана Манеа.

Очигледно дека Вардар не може да на ниту еден Фајнал фор да ја избегне Будуќност. Ако сега се избегнаа во полуфиналето утре ќе имаат соочување во мечот за третото место. Сега веќе поранешниот европски првак во првиот меч од денешната програма доживеа пораз од 21:20 Ѓер.

Утре дуелот за бронзата почнува во 15 часот и 15 минути додека натпреварот за трофејот во елитното натпреварување меѓу Ѓер и Букурешт стартува во 17:45.