Економија

Светска Банка: Македонија со највисок економски раст во регионот

Македонија лани била лидер во регионот по висината на економскиот раст – соопшти Светска банка. Во најновиот извештај банката проектира дека земјава ќе оствари ист пораст од 3.7 отсто и годинава, како и зголемување на БДП до 4% во 2017-та.

08.04.2016 17:58:36
 Македонија лани била лидер во регионот по висината на економскиот раст – соопшти Светска банка. Во најновиот извештај банката проектира дека земјава ќе оствари ист пораст од 3.7 отсто и годинава, како и зголемување на БДП до 4% во 2017-та. 

Сепак, главни предизвици за економијата остануваат справувањето со негативните ефекти од политичката криза, неопходноста од структурни реформи, намалување на фискалниот дефицит, сиромаштијата и невработеноста, особено кај младите. Светска Банка нотира дека во изминативе две години биле креирани 61 илјада нови работни места, од кои 12 илјади отвориле странските инвеститори. Сепак, останува борбата за вработување на младите, на долгорочно невработените, како и за зголемување на примањата на нововработените лица.

Кон економскиот раст главно придонел извозот од странските компании и јавната потрошувачка, кои биле релативно изолирани од ефектите на политичката криза – велат од Светска Банка. Значајна ставка биле капиталните инвестиции, кои иако не се реализирале во посакуваниот обем, сепак биле компензирани од  проектите на јавните претпријатија, пред се на Агенцијата за државни патишта.  Јавниот долг, иако благо зголемен останал во умерени рамки, додека буџетскиот дефицит бил помал од проектираниот.

Според Светска Банка, 128 илјади лица вработени во јавната администрација бројат 19% од вкупната работна сила во земјава, што е под просекот на државите во регионот. 

Банкарскиот сектор, пак, останал стабилен , кредитирањето се вратило на поранешните високи нивоа, а процентот на нефукционални кредити е меѓу најниските на Балканот.

Тања Попова