ЕП Ракомет 2016

Хрватите ја декласираа Полска и се пласираа во полуфиналето

Репрезентацијата на Хрватска ја совлада Полска со 37:23 и успеа да се пласира во полуфиналето на Европското првенство во ракомет.

27.01.2016 22:25:02

Иако пред стартот на натпреварот се сметаше дека Хрватска има невозможна мисија бидејќи за влез меѓу четирите најдобри им беше потребна победа од 11 гола разлика сепак со фантастична игра во одбраната успеа да стигне го голем триумф и да се пласира во полуфиналето.

Хрватите играа во голем стил, уште од самиот старт тргнаа во висок ритам и на крајот сосема заслужено го декласираа домаќинот на шампионатот. Клучната разлика беше направена на стартот од второто полувреме кога Хрватска постигна седум последователни погодоци и во еден момент поведоа со 17 гола разлика.

Во тој момент беше јасно дека Хрватска ќе забележи убедлива победа и дека ќе остане во трката за медал на овој шампионат.

Избраниците на селекторот Бабиќ одиграа брилијантно во одбраната и перфектно во нападот. На голот извонреден беше голманот Иван Стевановиќ, кој забележа 13 интервенции, а благодарение на фантастичната одбрана Хрватите од контри постигнаа дури 13 гола.

Најефикасен во победничкиот тим со 11 погодоци беше Мануел Штрлек, Марино Мариќ беше стрелец на седум, а пет беа дело на Златко Хорват.

По овој триумф Хрватска се пласираше во полуфиналето освојувајќи го второто место во групата веднаш зад селекцијата на Норвешка.