ЕП Ракомет 2016

Уште еден пораз за крај, Белорусија поуспешна од Македонија

Во последниот настап на Европското првенство, македонската ракометна репрезентација доживеа пораз од Белорусија со 30:29.

27.01.2016 19:59:55

Наместо за крај да го дадеме последниот атом од силата и да сториме се за да ја забележиме првата победа одигравме лошо, без мотив и на крајот сосема заслужено доживеавме пораз од репрезентацијата на Белорусија, која во овој последен настап на шампионатот настапи со втората постава.

Во текот на натпреварот само на два пати имавме предност и тоа од еден погодок. Белорусите во сите шеесет минути имаа целосна контрола врз играта и резултатот, а ние само во ретки моменти бевме рамноправен противник.

Во првиот дел се играше гол за гол, ниту еден од противниците немаше поголемо водство од два погодоци, а по истекот на триесетте минути Белорусија на одмор замина со предност од 14:13.













Второто полувреме го отворивме катастрофално. Белорусија имаше серија од 6:1 и по осум минути игра поведе со 20:14. Како се ближеше крајот на натпреварот противникот паѓаше на физички план, но ние не ја искористивме и таа можност.

Како одминуваше времето разликата се намалуваше и на пет минути пред крајот на средбата стигнавме до израмнување и тоа беше се што сторивме на овој дуел.  Наместо да го зададеме завршниот удар на противникот му дозволуваме да постигне два гола едно по друго и на крајот да стигне до победа од 30:29.

Кире Лазаров со 10 гола беше прв стрелец во нашиот тим, Дејан Манасков постигна четири, а по три пати прецизни беа Гоце Георгиевски и Немања Прибак. Борко Ристовски беше одличен на голот забележа 16 интервенции, но неговите колеги во нападот тоа не успеаа да го искористат.

Кај Белорусите најефикасен со 11 погодоци е Бариш Пуховски додека пет пати во листата на стрелците се запишаа Владислав Кулеш и Андреј Јуринок.

Македонската репрезентација без победа го завршува шампионатот, ако пред заминувањето за Полска бевме комотни околу нашиот настап во квалификациите за Олимписките игри сега зависиме од постигнувањата на другите. Сега за нас најважно е Норвешка да не ја освои шампионската титула.