Економија

Македонија шеста најдобра бизнис дестинација во Европа, 12 во светот

Македонија прогласена за 6-та најдобра бизнис дестинација во Европа и 12-та во светот во тукушто објавениот најнов извештај на Светската банка Doing Business 2016-та кој рангира 189 држави според бизнис климата

27.10.2015 21:34:16
Македонија е пред 24 од 27-те земји - членки на ЕУ и убедливо најдобра во регионот што претставува врвен резултат и големо признание на политиките за подобрување на бизнис климата од страна на најреномираната економска институција во светот.
 
Земјава пред 9 години според истиот извештај беше на 94-то место со што е остварен скок од неверојатни 82 позиции. Огромниот успех е постигнат низ континуирани реформи, Македонија е највисоко оценета за унапредување на бизнис климата, креирање на нови работни места, поедноставување на административните процедури, современи технологии за обезбедување на квалитетни јавни услуги.

„Некои држави успеваат да ги постигнат двете работи – дизајнирање и имплементирање на систем за градежни дозволи кој истовремено е и ефикасен и квалитетен. Една од нив е Македонија чии административни процедури се многу ефикасни: комплетирањето на сите формалности за изградба на погон трае само 74 дена. Земјата исто така има добар систем за контрола на квалитетот со што има 14 од 15 можни поени во категоријата квалитет на градбите. Сите потребни документи се конкретни и достапни на интернет заедно со список на агенции кои треба да се посетат, давачки што треба да се платат и одобренијата што треба да се добијат... Македонија значително го олесни основањето на фирма воспоставувајќи електронски процес на едно место каде овластен владин агент целосно ја спроведува апликацијата со што во оваа област е на второто место во светот, зад Нов Зеланд“ стои меѓу другото во извештајот.