});

Утре ново задолжување, фирмите алармираат дека банките ги „заробуваат“ парите

Владата продолжува да ги задолжува граѓаните, а фирмите се револтирани затоа што има помалку пари за нив. Веќе утре министерството за финансии продолжува со редовното задолжување – овој пат за 32.4 милиони евра. За период од една година јавниот долг е зголемен за 9,15% и сега изнесува 5,14 милијарди евра, односно 47,7% од БДП. Компаниите се гневни на власта бидејќи огромниот капитал на банките завршува во државната каса, а не во стопанството. Велат дека парите на овој начин се заробуваат, а од друга страна, со дополнителните средства не се завршуваат потребните проекти, бидејќи капиталните инвестиции се реализираа со само 16% за половина година.

За компаниите да се задолжат кај банките, процедурите се прескапи и сложени. Се бараат големи гаранции, а каматите се превисоки. И Народната Банка во последниот извештај нотираше дека поскапеле каматите на кредитите кои им се даваат на компаниите.

И додека Владата лесно доаѓа до парите од банките, многу потешко им ги враќа парите на компаниите. Бизнисмените бараат да се скратат роковите во кои институциите треба да им платат за сработеното. Особено имаат проблеми со јавните претпријатија и општините.

Од друга страна, за министерството за финансии растот на јавниот долг не е проблем, бидејќи бил во рамките на среднорочната стратегија што предвидува тој да расте и до 55% од БДП до 2020 година. И покрај минималниот раст од 0.1% во првите три месеци, Владата се уште е оптимист дека ќе се достигне растот од 3.2% и ќе се реализираат капиталните инвестиции до 90% од планираното до крајот на годинава.

Тања Попова