});

Трамп во писмо до Путин: Да ја продолжиме соработката

Американскиот сенатор-републиканец, Пол Ренд, во текот на посетата на Москва предал писмо од претседателот на САД Доналд Трамп до претседателот на Русија Владимир Путин, во обид да се омекне тонот спрема Русија и да се намали „хистеријата со санкции“ во Вашингтон.

Ренд неделава беше во неколку дневна соло посета на Москва во време кога Конгресот е на летна пауза, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

–Почестен сум да предадам во администрацијата на претседателот Владимир Путин писмо од Трамп. Писмото ја истакнува важноста од продложување на соработката во разни области, вклучувајќи ја борбата против тероризмот, продлабочување на дијалогот во легислативата и возобновување на културната размена, објави синоќа тој во порака на Твитер.

Од Кремљ потврдија дека писмото било добиено но дека претседателот сеуште не бил запознат со неговата содржина.

Ренд, сенатор либертаријанец од Републиканската партија, пристигна во посета на Москва во понеделникот. Во текот на посетата тој покани руски сенатори, членови на комитетот за меѓународни работи на Советот на федерацијата (Горниот дом на руската Дума), да дојдат во возвратна посета на Вашингтон.

Ова е втора посета на американски законодавци на Москва летово. Во посета на руската престолнина пред нешто повеќе од еден месец дојде делегација на републикански конгресемни и сенатори.

Подршката од некои републиканци за омекнување на тонот против Русија што го заговара Трамп, се случува во време кога група на републикацни и демократи заговараат воведување на пожестоки санкции против Русија поради наводната вмешаност на Москва во американските претседателски избори во 2016 година, и индициите дека тоа ќе се повтори и на претстоечките среднорочни избори за во Конгресот во ноември.