});

Симптоми на сончаница: Дознајте што треба да направите за да не си ја влошите состојбата

Сончаница е сериозна здравствена состојба која настанува поради изложување на главата на високи температури, односно на сончева топлина. Први симптоми се главоболка, вртоглавица, немир, збунетост, црвенило на лицето и температура на телото над 38,9 степени. Подоцна може да се јави зуење во ушите, проблеми со видот и изнемоштеност, а можна е и несвестица.

Што да направите ако вие или друг човек има сончаница?

1. Тргнете ја личноста во ладовина. Тргнете сè што е непотребно – чорапи, чевли, капа за да го забрзате ладењето. Разладувајте ја личноста умерено со ладен туш или наполнете ја кадата со вода. Ставете мокра крпа или пешкир на задниот дел од вратот, препоните и/или под пазувите.

Ако постои можност, испрскајте ја личноста со вода и разладете ја со вентилатор. Спротивно на општото мислење, личноста со сончанива не смее да се лади со алкохол, бидејќи тој го лади телото премногу брзо.

2. Легнете. Во случај на сончаница можна е и несвестица, па затоа е важно да легнете што е можно побрзо. Ако личноста се онесвести, свртете ја на левата страна (на таа страна е срцето, па циркулацијата побрзо ќе проработи) со левата нога свиткана за да одржува рамнотежа.

3. Надоместете ја загубата на течности, но не пребрзо. Пијте солена вода (1 лажичка сол на децилитар вода) што ќе ја спречи дехидрацијата и загубата на солта поради потењето. Не смеете пребрзо да ја пиете водата, бидејќи во спротивно може да доживеете шок.

4. Останете смирени. Личноста може да ја фати паника, но важно е да останете смирени, а тоа најлесно ќе го постигнете со длабоко дишење. Чувството на вознемиреност само ќе го забрза пумпањето на крвта што дополнително ќе ја зголеми температурата на телото. Нежно масирајте ги мускулите на личноста со сончаница за да ја подобрите циркулацијата на крвта. Грчевите во мускулите, особено во листовите се исто така рани симптоми на сончаница.

5. Во зависност од јачината и траењето на симптомите, повикајте итна помош. Ако главоболката, вртоглавицата, немирот и црвенилото на лицето траат подолго од еден час, потребно е да викнете брза помош.

Напомена: Ако имате сончаница, не смеете да пиете никакви лекови, освен ако не ви ги препише лекар.